Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Сиљановска-Давкова и Милатовиќ одржаа предавање на Правниот факултет „Јустинијан Први“: Евроинтегративниот процес на Западен Балкан низ црногорска и македонска призма

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, пред студенти, професори и други заинтересирани, одржаа заедничко предавање посветено на евроинтеграциите.

Во своите излагања, обајцата укажаа на детерминираноста на членството, не само од успехот на внатрешната трансформација (европеизација), туку и од политичката волја на европскиот совет, којшто одлучува со консензус.

Милатовиќ го концептуализираше процесот преку четири можни сценарија: првото се однесува на неуспехот на државата да ги искористи пристапните механизми за институционална и демократска консолидација, што има негативни импликации и за самата држава и за Европската Унија; второто сценарио подразбира постигнат реформски напредок без соодветна политичка поддршка од соседите и од Унијата, што доведува до стагнација и ерозија на јавната доверба; третото сценарио укажува на формална геополитичка поддршка без суштински реформи, што ја компромитира одржливоста на процесот. Како најпосакуван, тој го истакна моделот на интензивни реформи проследени со забрзан напредок кон членство.

Сиљановска-Давкова го анализираше евроинтеграцискиот процес низ поширок историски и вредносен контекст. За неа, европската интеграција е не само економска, политичка и правна цел, туку и цивилизациска определба, втемелена на вредности и принципи, важни за ЕУ како филозофија на живот.

Тврдењето го поткрепи со компаративни примери, како оние на Грција, Шпанија и Португалија, за коишто членството во Европската Унија значеше демократизација и стабилизација.

Слично на Милатовиќ, Сиљановска-Давкова членството го врзува примарно за реформскиот напредок, како и на соодветното политичко препознавање и признавање на истиот.

Таа укажа на големите предизвици, со коишто се соочува земјата со оглед на предолгиот кандидатски статус, стекнат во далечната 2005 година, главно предодреден од влијанието на највисоките политички претставници на членови во Европскиот совет водени од нерационални условувања, врзани за историјата и културата, а не од меритократски причини.

Споредувајќи ги извештаите на земјите кандидати за отпочнување на преговорите, Сиљановска Давкова оцени дека, македонската држава е поподготвена од многу други земји кандидати за отпочнување на преговорите. Во однос на веќе направените бројните уставни измени, таа потсети дека изостанаа ЕУ ветувањата.

Отсуството на правни гаранции дека станува збор за последно политичко барање на патот кон полноправно членство во ЕУ, се заканува со логична опасност од губење на реформската енергија заради фокусирање на историски и културни прашања, наместо на хармонизација со европското право.

Сепак, според неа, со оглед на фактот дека членството во Унијата е стратешка надворешнополитичка цел, особено важно е да се искористи сегашниот моментум, подеднакво важен за македонските политичари, и за оние на ЕУ.

„Европската унија, низ призма на актуелната геополитичка состојба, мора да го перцепира проширувањето како најважно безбедносно прашање. Европскиот совет е соочен со наоѓање модус за брза и целосна интеграција на Западниот Балкан во Унијата, ако сака навреме да го заштити регионот од сериозни закани, од една страна, но и европската безбедност, од друга. Крајно време е реториката за европската перспектива да се замени со реална политичка поддршка на Западниот Балкан од страна на Европската Унија“, порача Сиљановска-Давкова.

По предавањата, следеа низа прашања од студентите во врска со владеењето на правото и борбата со корупцијата во обете држави, политиката vs меѓународното право, важноста на заедничката надворешна и безбедносна политика со ЕУ, како и опасноста од евроскептицизам во македонското и во црногорското општество.

Можеби ќе ве интересира

Доаѓа нагла промена: Еве кога ќе врне најмногу и каде ќе има снег!

ДЕСК

ДРАМА ВО ПОЗНАТ ЛОКАЛ ВО КАРПОШ: Избила физичка пресметка меѓу четворица скопјани, еден бил удрен од тврд предмет – отиде и дел од инвентарот

ДЕСК

Грабеж среде бел ден во центарот на Скопје: Додека се качувала во автобус, била ограбена

ДЕСК