Германскиот канцелар Фридрих Мерц во Бундестагот предупреди на експлозија на насилство во општеството, и во реалниот и во дигиталниот простор, нагласувајќи дека „значаен дел од тоа насилство доаѓа од групи доселеници“. Неговата изјава за мигрантите предизвика силни реакции во парламентот и се очекува да биде тема на јавна дебата во наредните денови.
Во однос на војната меѓу САД и Изеаел од една страна и Иран од друга, Мерц рече дека Германија со европските партнери ќе се залага за брза деескалација и дипломатско решение. Тој не ги коментираше најавите на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека нашол начин за преговори со Иран, но рече дека смета оти заедно со европските партнери ќе се најде пат за заедничко залагање за што побрзо завршување на ескалацијата, пренесе „Дојче Веле“.
Европа ќе има тежина само ако и самата, а особено Германија, повторно зајакне, нагласи Мерц. И прецизира:
„А да се биде силен во овие времиња значи: да се има просперитетна економија, да се обезбедат работни места и да се овозможи отворање нови. И истовремено да се стане способен за одбрана. Намерно велам: да се стане. Бидејќи тоа повеќе не сме.“
Поради растот на цените на горивата, владата најави закон за построг надзор врз нафтените компании. Мерц не ја поддржа идејата за дополнителни даноци за екстрапрофит./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


