Centar.mk
Фото Уставен Суд, 24.03.2026
-МАКЕДОНИЈА

Костадиновски: Уставната жалба е заедничка точка на институционален дијалог

Денеска во Уставниот суд се одржа тркалезна маса на тема: Воведување на уставна жалба?, на која со свое обраќање се обратија претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, амбасадорите на ЕУ и ОБСЕ, Михалис Рохас и Килијан Вал. Во прилог целосното обраќање на претседателот Костадиновски:

Дозволете ми да ја изразам мојата искрена благодарност до Делегацијата на Европската Унија за реализацијата на проектот „Зајакнати капацитети на Уставниот суд“, како и за континуираната поддршка што ја даваат на Уставниот суд. Ваквите настани се неопходни и важни, од нив ја испраќаме пораката дека процесот на унапредување на владеењето на правото и заштитата на човековите слободи и права е постојана обврска на секоја демократска држава и на сите институции кои го носат тој товар.

Почитувани,

Воведувањето на уставна жалба како инструмент за директна заштита на уставно загарантираните слободи и права, е тема која континуирано и сѐ почесто се наметнува како предмет на стручна, политичка, јавна расправа.

Нема да трошам зборови за нејзината важност и суштина која е едноставна: да му овозможи на граѓанинот, кога сите други правни средства се исцрпени, директно да се обрати до Уставниот суд и да побара заштита на своите уставно гарантирани слободи и права.

Во овој контекст, за мене никогаш не постоела дилемата за потребата за нејзино воведување, туку природно се поставувало прашањето кои слободи и права загарантирани со Уставот треба да добијат директна непосредна уставно-судска заштита. Кога на оваа маса се присутни моите колеги, Претседателот на Владата, струката, науката, нашите меѓународни партнери, јас тука ќе запрам, за мене е побитно да го слушнам нивниот став!

Почитувани присутни,

Јавноста, колегите, сите што ме познаваат, знаат дека сум брутален реалист, па ќе си дозволам да изнесам една искрена констатација. Во одредени периоди во минатото, Уставниот суд не секогаш ја остваруваше својата уставна улога, онака како што уставотворците го поставиле.

Токму затоа денес стои пред нас јасна задача: Судот целосно да ја афирмира својата независност и самостојност. Таа задача не претставува обврска само за Уставниот суд, туку и за законодавецот, за извршната власт. Неопходно е уставно-судското одлучување да се ослободи од секој облик на политичко влијание и Судот доследно да настапува како натпартиска, надетничка, надверска, над било каква афилијација, институција, со единствена цел да ја обезбеди супрематијата на Уставот и ефективната заштита на човековите слободи и права. Судот е реално и вистински посветен на својата задача. Меѓу другото и со одлуката за јавно пренесување на седниците, судот само ја исполнува новата парадигма “правдата не е доволно само да биде спроведена, туку таа треба и да биде видена”! Политиката треба да ги тргне рацете од уставното судство, треба да покаже повисока уставна и правна култура! Но не е само тоа што политиката преку извршната и законодавната власт може да го направи. Уставниот суд без дилема е најнереформираната институција во нашиот поредок. Затоа, денес имав можност со претседателот на Владата да разговарам за потребата од подлабока институционална реформа на Уставниот суд. Посебно беше отворено прашањето за донесување на Закон за Уставниот суд, заснован врз уставен основ и со двотретинско мнозинство, беше отворено и прашањето за воведување на уставната жалба. Времето за ваков исчекор одамна е дојдено. Продолжувањето на status quo состојбата може да создаде простор за појава на претеран судски активизам, кој во одредени околности би можел да доведе до нарушување на рамнотежата меѓу властите, или т.н “судокаратија”. И се ова треба да води кон зацврстување на самостојноста и независноста на Судот.

Оваа потреба јасно беше нагласена и на шестиот Конгрес на Светската конференција за уставна правда. Во Мадридската декларација беше констатирано дека уставната правда може да ја исполнува својата улога само кога автономијата и независноста на уставните судови се целосно загарантирани. Ваквата независност не е цел сама по себе, туку неопходен услов за обезбедување на супрематијата на Уставот, ефикасна заштита на основните права и осигурување на балансот меѓу властите во држава која се раководи од принципите на владеење на правото.

Причината за тоа е едноставна, но суштинска: судската независност претставува човеково право неразделно поврзана со правото на поединецот на пристап до правда, на фер и правично судење, на еднаква правна заштита.

Почитувани присутни,

Патот на разумот е еден. На тој пат соговорниците или ќе се сретнат, или ќе се разминат. Драго ми е што денес, по клучните прашања за развојот на уставното судство, со претседателот на Владата суштински се сретнавме токму на патот на разумот. Искрено, се надевам дека оваа средба и денешните диксусии се чекор кон подобри времиња за уставното судство.

Ви благодарам на вниманието.

Фото Уставен Суд, 24.03.2026

Можеби ќе ве интересира

Филипче: Намалувањето на ДДВ за горивата не дава ефект – цените растат

ДЕСК

Мицкоски: Од денес 3 денари попуст на сите бензински на ОКТА, во овој момент имаме апсолутно најниски цени на горива во Европа

ДЕСК

Претрес во Демир Хисар, пронајдено оружје, лишено од слобода едно лице

ДЕСК