Граѓаните не гледаат бенефит од намалувањето на ДДВ-то на горивата и нафтените деривати, поради тоа што и покрај намалувањето на ДДВ-то, цените пораснаа, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека се исполни тоа на што предупредуваше СДСМ во изминатите недели, порастот на цените на горивата и нафтените деривати, придонесе за зголемување на цените на храната.
“Порастот на цените на енергенсите, на дериватите, на нафтата, на бензините ќе повлече поскапување на сите прво прехранбени продукти, понатаму на се друго во државата. Нафтата беше 71 денар сега е 95,5 денари и граѓаните веќе се жалат дека имаат проблем дека не може да наполнат ниту една кошничка, дека едноставно не може да се прехранат. Поскапени се основните прехранбени производи јајцата, месото, млечните производи, овошјето, зеленчукот, а знаеме дека кога тие продукти еднаш ќе поскапат назад цените нема да се вратат“, рече Филипче.
Тој додаде дека од владината мерка за намалување на ДДВ-то на горивата и нафтените деривати од 18% на 10%, не го чувствуваат ниту компаниите.
„Компаниите имаат поврат на ДДВ-то од горивата. Тоа значи дека тие, тие пари колкав и процент да се, ќе си ги вратат. Нив им претставува тежина основната цена на горивата која што зависи од светските берзи. Значи компаниите, меѓу кои транспортните и во другите сфери кои директно учествуваат на модифицирањето и растот на цените на сите други производи, практично немаат никаква помош. И единствено што може да се очекува е да има континуиран раст на цените кои што да ве потсетам уште крајот на минатата година почеток на оваа година, пред почетокот на војната во Иран практично беа во раст. Значи ова е само еден дополнителна причина зошто кај нас цените ќе растат“, рече Филипче.
На прес-конференицјата, Филипче нагласи дека земјите од регионот веќе преземаат конкретни мерки, како пример ја посочи Хрватска, каде што освен што се ограничија цените на горивата на бензините, на гасот, одредени категории на граѓани добија помош – земјоделци, социјални случаи, рибари и други, односно тие на кои што најмногу им е потребно.
фото СДСМ
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


