Прес конференција на СДСМ, Андреј Жерновски – Член на Извршен одбор – интегрална објава:
Добар ден, почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани.
Овде позади мене многу јасно пишува што се случува во однос на патот на нашата земја кон Европската унија.
Цитирам: Мора да бидете отпорни на токсично влијание од Русија и другите и нема да дозволиме тројански коњи во Европската унија.
Тоа е она што го порача Марта Коска, еврокомесар за проширување на земјите кандидати за членство во Европската унија. Почитувани граѓани, појасна, посилна и попрецизна порака од еврокомесарот за проширување до сега не сме добиле.
Граѓаните мора да знаат дека оваа порака се однесува на нашата земја, за жал.
Токсично е влијанието од Русија, токсично е влијанието од Кина, токсично е влијанието од СНС на Вучиќ.
Тоа е она што СДСМ наназад со месеци и месеци го говори.
Но сега, сето она што го зборувавме, што е вистина, излезе на површина. Да го погледнеме извештајот на известувачот за нашата земја во Европскиот парламент, господин Томас Вајц, кој е уште една потврда на тоа што СДСМ со месеци го зборува.
Нема напредок во владеењето на правото, во правосудните реформи, во борбата против корупцијата, тоа го пишува во извештајот.
Нема напредок, се разбира, ниту во состојбата со медиумите.
Македонија има блокиран пат кон Европската унија, и владата тоа намерно го прави. Пораките се многу јасни, но нашата влада повторно измислува непријатели, особено во нашето соседство, само за да го блокира нашиот пат кон Брисел.
Не сакаат и никогаш нема да сакаат да влеземе во Европската унија.
Меѓутоа, нашата борба продолжува докрај и ќе трае сè додека не ја вратиме Македонија на победничките патеки.
Како што гледате, прават проруски партии и отпадници од ЗНАМ, вториот човек на владата се гледа со Ноќните волци блиски до Путин, и сето тоа сега веќе се препознава од извештајот и во изјавите на еврокомесарот за проширување.
Да повториме и да посочиме дека 40% од медиумите се во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ, преку мрежата на Орбан, за кого многу ни е јасно каква е релацијата помеѓу него и Европската унија.
Тука се да не ги заборавиме парите од Кина. Зошто велам парите од Кина? Тоа е унгарскиот кредит. Зарем сме толку наивни да мислиме дека е случајност што тогаш, кога се обезбеди кредитната линија за Македонија од 1 милијарда евра, потоа Унгарија се задолжи за точни толкав износ од Кина. Точно заем од 1 милијарда евра.
Па зарем толку мислите дека во Брисел не се гледа тоа.
Зошто Македонија да биде црната точка во Европската унија? Ни кажуваат прикаски дека проширувањето е мртов процес. Меѓутоа гледаме дека Албанија напредува, Црна Гора напредува, а ние останавме заковани на дното.
Ова е вистинскиот момент кога треба да одиме напред и да го искористиме расположението во Европската унија за проширување.
Меѓутоа, владата тоа не сака да го направи.
Да потсетиме на последната анкета: дури 70% од граѓаните на Македонија сакаат да ја видат нашата земја во Европската унија.
На граѓаните им е јасно што прави Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, додека бараат да се внесат бугарите како малцинство во нашиот Устав.
Со тоа еднаш засекогаш да ја расчистиме тезата за „еден народ во две држави“, Тие кажуваат дека сега со овој процес, цитирам, ќе бидат доведени под знак на прашање македонскиот идентитет и јазик .итн. што не е точно. Ниту тоа е тема, а ние башка го обезбедивме нашиот идентитет.
Ќе завршам со тоа што сметам дека веќе е јасно на граѓаните кои се предавниците, а кои се патриотите.
Патриотизам е земјата што ја сакаш да ја внесеш во НАТО и да овозможиш безбедност на сограѓаните.
Предавство е тоа што го прават Мицкоски и неговите, да ја изолираат земјата и да ја блокираат иднината на нашите граѓаните. Нашата битка продолжува сè додека Македонија не влезе во Европската унија. Благодарам.


