Висок портпарол на иранските вооружени сили, генерал Аболфазл Шекарчи, се закани со одмазда против САД и Израел за нивните „бесрамни и брутални злосторства“, обвинувајќи ги за убивање цивили, жени и деца од „очај и неможност да се соочат со вооружените сили“, објави иранската новинска агенција Дефапрес, пренесе „Гардијан“.
„Им порачувам да очекуваат наша разорна одмазда за овие варварски дејствија. Наскоро ќе се одмаздиме и ќе им зададеме смртоносни удари“, рече иранскиот генерал Шекарчи.
Повик за откривање на „американско-ционистичките“ скривалишта
Иранскиот генерал, исто така, ги повика земјите и муслиманските народи во регионот да ги откријат позициите на непријателските сили за да избегнат повредување на цивилите.
„Ги повикувам муслиманските народи и земјите во регионот да ни ги откријат скривалиштата на американско-ционистичките сили, за да не бидат повредени самите. Ова ќе ни овозможи прецизно да ги таргетираме оние што ги користеа народите од регионот како човечки штитови“, рече тој./Извор:Makfax


