Ирачкиот премиер Мохамед Шиа ел Судани денес, за време на телефонски разговор, му рече на американскиот државен секретар Марк Рубио дека Соединетите Американски Држави не треба да го користат Ирак како лансирна рампа за напади во војната на Блискиот Исток, објави канцеларијата на Ел Судани.
Во разговорот со Рубио, Ел Судани ја нагласи „важноста да се знае дека ирачкиот воздушен простор, територијата и водите не се користат за никаква воена акција насочена кон соседните земји или регионот“, објавува „Ал Арабија“.
Ирачкиот премиер го отфрли „секој обид за влечење на земјата во тековни конфликти“, како и „кршење на нејзиниот воздушен простор од која било страна“.
Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, рече дека Рубио „остро ги осудува терористичките напади од страна на Иран и терористичките милиции поврзани со Иран во Ирак“, вклучително и во регионот Курдистан.
Рубио го повика Иран да ги преземе „сите можни мерки за заштита на американскиот дипломатски персонал и објекти“.
Во саботата, системите за воздушна одбрана пресретнаа ракети испукани кон амбасадата на САД во Багдад, а американската воздушна одбрана сега речиси секојдневно пресретнува беспилотни летала над Ербил, главниот град на Курдистан, каде што се наоѓа комплексот на американскиот конзулат.
Во рок од неколку часа од почетокот на војната во Иран, борбени авиони и ракети што доаѓаа од сите правци го исполнија ирачкиот воздушен простор.
Ирак се граничи со Иран, против кој САД и Израел започнаа напад на 28 февруари, како и со земјите од Персискиот Залив, кои Иран ги таргетираше со ракети и беспилотни летала, велејќи дека го прави тоа поради американското присуство, пренесува Танјуг./Извор:Makfax


