Амбасадорот на САД во Обединетите нации, Мајкл Валц, одби целосно да го потврди тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека Иран е одговорен за нападот врз иранското училиште за девојчиња во кое загинаа најмалку 165 лица.
„Ќе им го оставам тоа на истражителите да го утврдат“, изјави Валц на водителката на емисијата „This Week“ на Еј-би-си, Марти Радац.
Трамп: Мислам дека Иран го стори тоа
Нападот се случи во раните часови од војната на 28 февруари во училиште во јужниот град Минаб. „Њујорк тајмс“ во среда објави дека анализата покажала дека нападот веројатно го извршиле американските сили за време на напад врз блиската поморска база.
Трамп во саботата изјави дека самиот Иран е одговорен за смртоносниот напад. „Моето мислење, врз основа на она што го видов, е дека Иран го стори тоа“, изјави Трамп пред новинарите на авионот „Ер Форс Уан“.
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, кој патуваше со претседателот, истакна дека истрагата е сè уште во тек, но додаде: „Единствената страна што ги таргетира цивилите е Иран“.
Валц вчера повтори дека случајот е сè уште под истрага. „Како што рече секретарот Хегсет, тој е под истрага. Можам да ви кажам, како ветеран, без ни малку сомнеж, дека Соединетите Држави прават сè што можат за да избегнат цивилни жртви. Понекогаш, се разбира, се случуваат трагични грешки“, рече поранешниот офицер на американските специјални сили.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, вчера во емисијата „Meet the Press“ на Ен-би-си се потсмеваше на тврдењата дека Иран ќе ги нападне сопствените деца. „Тоа е нашето училиште. Тоа се наши ученички, наши мали девојчиња. Тие беа нападнати од американски борбен авион и беа убиени. Зошто Иран би бил одговорен?“, праша тој.
Валц одговори дека Иран има долга и ужасна историја на убивање на сопствени граѓани кои се спротивставуваат на режимот.
„Малку е неверојатно да се слушнат обвинувањата од иранскиот режим откако тие буквално ги убија сопствените луѓе со автоматско оружје на улиците“, тврдеше тој./Извор:Makfax


