Centar.mk
-БИЗНИС

Министерството за дигитална трансформација и VISA потпишаа Меморандум за соработка

Министерството за дигитална трансформација и VISA потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува рамка за заеднички активности насочени кон олеснување на дигиталната интеракција помеѓу администрацијата и граѓаните, унапредување на дигиталните услуги, воведување и проширување на прифаќањето и исплатата на дигитални плаќања каде што е потребно, како и зголемување на достапноста на електронските државни услуги за граѓаните и бизнисите.

Соработката ќе се фокусира на понатамошен развој на функционалностите за плаќање на Националниот портал за електронски услуги Uslugi.gov.mk и мобилната апликација mUslugi, развој на инфраструктурата, како и промоција на е-услугите и можностите за електронско плаќање меѓу граѓаните, деловната заедница и јавната администрација.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека партнерството со Visa е значаен исчекор во градењето поефикасна и покориснички ориентирана администрација:
„Со овој Меморандум отвораме ново поглавје во унапредувањето на дигиталните јавни услуги со акцент на модерни и безбедни начини на плаќање. Нашата цел е граѓаните и бизнисите да добијат побрзи услуги, помалку административни бариери и повеќе функционалности достапни онлајн, преку uslugi.gov.mk и m.Uslugi, но и на шалтерите таму каде што е потребно. Ова е конкретен чекор кон држава што работи поедноставно, поефикасно и дигитално.“

Ана Драшковиќ, потпретседателка и генерална директорка на Visa за Југоисточна Европа, нагласи:
„Преку овој Меморандум за разбирање, Visa, како глобален лидер во дигиталните плаќања и доверлив иноватор во технологијата, ја потврдува својата посветеност за поддршка на Владата на Северна Македонија во забрзувањето на дигиталната трансформација на земјата. За нас е чест што Министерството за дигитална трансформација ја препозна Visa како стратешки партнер во понатамошното зајакнување на прифаќањето на дигиталните плаќања во јавните институции, напредувањето на усвојувањето на е-владините услуги и промовирањето на безбедни и непречени дигитални платни функционалности меѓу граѓаните, бизнисите и јавните службеници. Особено ни е задоволство да го истакнеме порталот за е-услуги и мобилната апликација м.Услуги, кои претставуваат значаен напредок во овозможувањето побрз, непречен и безбеден пристап до јавните услуги. Овие решенија ќе помогнат во поедноставување на секојдневните административни процеси и ќе овозможат поефикасно, кориснички ориентирано дигитално искуство за граѓаните на Северна Македонија.“

Меморандумот претставува заедничка заложба за унапредување на дигиталните решенија и развој на функционалности што ќе ја зголемат достапноста и практичната употреба на електронските државни услуги, вклучително и преку воведување на современи дигитални плаќања.

Можеби ќе ве интересира

Димитријевиќ: Власта нема допир со реалноста како живее едно семејство, арогантно одбива да ги покачи платите

C +

Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата

C +

СДСМ: Нападите врз предметите на СЈО се дел од операцијата за враќање на Никола Груевски

C +