Интегрален текст од денешната прес конференција на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар:
Помина цела недела од објавата на картелскиот скандал со 5 тони дрога од Македонија која била запленета во соседна Србија.
Со денови нема одговор на најважното прашање: како 5 тони дрога поминале преку македонската граница и кој ќе одговара?
Нема приведени, нема осомничени. Има само дефокус.
Од јавно објавените фотографии може да се види дека запленетата дрога во Србија била пакувана во големи картонски кутии со димензии 60 на 40 сантиметри, со по 4 до 5 килограми марихуана во најлонски кеси.
Тоа значи многу пратки, и многу возила, камиони. Пет, десет, можеби и повеќе шлепери или камиони требало да ја поминат границата.
Како?
Без поддршка, заштита и логистика од врвот на власта шверцот на огромна количина дрога преку границата не било возможно.
Од Скопје до Табановце има 48 километри , со гранична и царинска контрола.
Каде се камерите на „Safe City“? Каде е полиција? Каде се екипите на Мобилна царина? Каде се конторлите?
Мицкоски, Тошковски, Тарчуловски, Бобан Николовски, началници, раководители, инспектори, службеници.
Кој се е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку граница?
Од медиумите видовме дека случајот во Србија е поврзан со сестринската партија на ВМРО- СНС како и со државни функционери.
Случајно?
Одговорноста за картелскиот скандал со 5 тони дрога која од Македонија завршила во Србија води директно до врвот на власта.
Затоа, наместо одговори на овие клучни прашања сведоци сме на организирана медиумска кампања на власта за дефокус.
МВР молчи за тоа како 5 тони преминале преку македонската граница ама објавува дека заплениле 40 тони канабис во земјава.
Ако навистина се запленети 40 тони нелегално произведен и складиран канабис во Македонија, тогаш повторно одговорноста е кај власта и кај никој друг.
Затоа што дозволиле нелегално да се произведува и складира марихуана изминатите две години.
Кои институции затаиле? МВР, Здравство, Земјоделие, инспекции?
Фактите се јасни.
Одговорност мора да има за картелскиот скандал со дрога, од прв до последен, а тоа значи до врвот на власта.
Не дефокус и не други прашања. Кој дозволил со неколку шлепери да поминат 5 тони дрога низ државата, низ царина и полиција до Србија.


