Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, денес изјави дека Европската Унија не треба да чека американскиот претседател Доналд Трамп да преземе мерки против иранскиот режим и дека Брисел треба да го зголеми притисокот врз Техеран.
Таа за „Јуроњуз“ рече дека иранскиот режим е без сила и дека деновите на диктаторот ќе завршат во 2026 година.
Според неа, санкциите треба веднаш да се воведат, а Корпусот на Исламската револуционерна гарда треба да се додаде на терористичката листа на ЕУ.
„Згрозени сме од она што се случува во Иран и не можеме мирно да гледаме како режимот користи насилство, репресија и злоупотреба за да го потисне она што го сметаме за фундаментални слободи“, рече Мецола.
Таа ја повика Европската Унија брзо да одговори на насилното потиснување на демонстрантите во Иран, кое меѓународната заедница го означи како црвена линија.
„Сведоци сме на насилство, атентати и ова не е нешто што ќе го толерираме“, рече Мецола.
Таа додаде дека ќе го поддржи прогласувањето на Иранската гарда за терористичка организација и истакна дека Европскиот парламент долго време лобираше оваа иранска воена организација да биде означена како таква.
„Ова е ставот на Европскиот парламент со години, откако ги видовме тие храбри жени на улиците на Иран како повикуваат на почитување на нивната слобода, нивните права и нивното достоинство“, рече Мецола, алудирајќи на движењето „Жени, живот, слобода“, кое се појави по смртта на Махса Амини.
Според Мецола, иранскиот режим сега е на „последните сили“, а Европската Унија има „златна“ можност да ја покаже својата посветеност на слободата, да ги поддржи демонстрантите и да ги казни одговорните.
„На иранскиот народ е да ја одреди својата иднина, но ние мора да ги поддржиме. Ако не сега – кога?“, рече Мецола./Извор:Makfax


