Францускиот претседател Емануел Макрон на состанок на владата изјави дека Франција ниту ја поддржала, ниту ја одобрила методата што Соединетите Американски Држави ја употребиле за да го заробат и приведат венецуелскиот претседател Николас Мадуро, соопшти владината портпаролка.
„Го браниме меѓународното право и слободата на народите“, изјавил францускиот претседател, а на прес-конференција пренесе портпаролката Мод Брежон. Шефот на државата додава дека Николас Мадуро е диктатор и дека неговото заминување е добра вест за Венецуелците.
„Тој му ја одзеде слободата на својот народ и ги украде изборите во 2024 година“, изјавил Макрон.
„Трето, Франција го поддржува народниот суверенитет, а тој народен суверенитет јасно беше изразен во 2024 година“, на претседателските избори на кои, според Париз и дел од меѓународната заедница, победил опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалез Урутија, иако победата ја прогласи Мадуро.
„Доколку дојде до транзиција, победникот од 2024 година треба да одигра централна улога“, ја пренесе Брежон изјавата на Макрон.
Во саботата, по приведувањето на венецуелскиот лидер за време на американска воена операција, францускиот претседател повика на „мирна и демократска“ транзиција во Венецуела, наведувајќи дека венецуелскиот народ може само „да се радува“ што се „ослободил од диктатурата на Мадуро“.
Претходно, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека Соединетите Американски Држави со својата операција го „прекршиле“ меѓународното право.
Пораките на претседателот на Републиката и на министерот треба да се анализираат во рамки на „континуиран контекст“, изјави Брежон, прецизирајќи дека Макрон се „консултирал“ со шефот на француската дипломатија и дека ги одобрува неговите изјави./Извор:Makfax


