Ахмед ал Ахмед, мажот кој разоружал еден од напаѓачите одговорни за смртта на 15 лица на плажата Бонди, во ексклузивно интервју раскажа што му поминувало низ глава непосредно пред херојскиот чин. Иако со својата постапка спасил бројни животи, татко на две деца вели дека и натаму жали за оние кои ги загубиле животите, пишува Би-Би-Си.
На снимката се гледа како Ахмед ал Ахмед – сопственик на продавница од Сиднеј, роден во Сирија – од зад грб соборува еден од двајцата напаѓачи и му ја одзема пушката.
„Го држев со десната рака и почнав да зборувам, знаете, да го предупредам – ‘фрли го оружјето, престани да го правиш ова’“, изјави тој за Си-Би-Ес Њуз, американскиот партнер на Би-Би-Си.
Ахмед се присети на моментот кога го совладал 50-годишниот Саџид Акрам, кој во неделата, на 14 декември, отворил оган врз учесниците на прославата на Ханука на плажата Бонди.
„Мојата цел беше само да му го одземам оружјето и да го спречам да одземе човечки живот и да не убива невини луѓе“, рече тој.
Во нападот, кој полицијата го окарактеризира како терористички чин насочен против еврејската заедница, беа убиени 15 лица, а 40 беа ранети. Станува збор за најсмртоносната масовна престрелка во Австралија од 1996 година.
Саџид Акрам бил убиен од полицијата, додека неговиот син Навид Акрам, вториот напаѓач, бил хоспитализиран, а подоцна обвинет за 59 кривични дела, меѓу кои 15 точки за убиство и една за извршување терористички напад.
Ахмед ја опиша и внатрешната борба што ја чувствувал непосредно пред делото за кое властите и политичарите изјавија дека спасило неброени животи.
„Емоционално, правев нешто, чувствував нешто – сила во моето тело, во мојот мозок“, изјави тој.
„Не сакам да гледам луѓе убиени пред мене, не сакам да гледам крв, не сакам да го слушам неговиот пиштол, не сакам да гледам луѓе како врескаат и молат за помош. Тоа беше нешто што мојата душа го бараше од мене.“
Откако го совладал Саџид Акрам, вториот напаѓач го застрелал неколкупати во рамото, поради што Ахмед морал да помине најмалку три операции. Во деновите по престрелката, додека бил во болница, му бил врачен чек од 2,5 милиони австралиски долари – сума собрана од десетици илјади членови на заедницата трогнати од неговиот чин.
Во болницата го посетил и австралискиот премиер Ентони Албанизи, кој го опишал како „најдоброто од нашата земја“, додека премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, го нарекол „вистински херој“. Претходно, и родителите на Ахмед за Би-Би-Си Арабик изјавиле дека нивниот син бил воден од „совеста и човечноста“./Извор:Makfax


