Денеска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Владата Христијан Мицкоски присуствуваа на промоција на 120 нови службени возила, наменети за потребите на македонската полиција, како дел од континуираните напори за унапредување на материјално-техничките капацитети на Министерството за внатрешни работи.
Новите возила ќе бидат распределени во полициските организациски единици низ државата и ќе придонесат за поефикасно извршување на секојдневните полициски задачи, побрза интервенција на терен и зголемено присуство на полицијата таму каде што граѓаните имаат најголема потреба од безбедност.
Министерот Тошковски истакна дека ваква набавка за полициски возила е прва после 15 години, се работи за модерни и моќни возила со кои полициските службеници многу поефикасно ќе ги извршуваат своите работни задачи. Тошковски додаде дека оваа набавка претставува јасен показател за заложбата на МВР да создава подобри услови за работа на полициските службеници.
„Возилата во рамки на својата техничка опрема ги имаат сите современи технолошки карактеристики да одговорат на сите предизвици како и секојa друга полиција во светот. Во сите возила ќе бидат инсталирани оние најсовремени „Тетра“ системи со потребни информации за полициските службеници на лице место ги извршат сите оние потребни проверки на евиденција, сите оние анализи на податоци коишто ги имаме во министерството, анализи на прекршочни евиденции и сето останато кое што е потребно за истите бидат ефикасни во рамки на своето работење и, конечно, одговорат на сите оние предизвици со опрема, информација и технологија, каква што има секој една друга европска држава. “, изјави министерот Тошковски.

Министерот Тошковски потенцираше дека вредноста на набавката е 202.600.000 со заштедени над 30 милиони денари кои ќе бидат искористени во набавка на друга опрема за полициските службеници и информираше дека возилата имаат обезбедена гаранција од пет години редовен сервис што дополнително ги намалува трошоците за нивното одржување.
На крај министерот се заблагодари на сите вклучени во проектот, на претседателот на Владата Христијан Мицкоски , министерската за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, неговиот тим, раководството на министерството и нагласи дека со ваквите вложувања, државата испраќа јасна порака дека безбедноста на граѓаните и достоинството на полициската професија се врвен приоритет, а силна полиција значи стабилна и сигурна Македонија.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски го поздрави овој успешно завршен проект со кој се подобрува мобилноста на припадниците на МВР и истакна дека Владата продолжува да биде посветена на ваков тип на проекти со кој се унапредуваат капацитетите на сите свои институции.
„Безбедноста на граѓаните и расчистувањето на криминалот и корупцијата се наш врвен приоритет како Влада. Министерството за внатрешни работи е нераскинлива алка од тој процес. Ваков проект значи помалку криминал и помалку криминалци’, потенцираше премиерот Мицкоски.
Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека набавката на новите возила е дел од поширок процес на модернизација на полицијата, кој опфаќа и обновување на опремата, дигитализација на процесите, унапредување на обуките и системски реформи со цел создавање професионална, ефикасна и современа полициска служба.


