Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски денеска одржа годишна прес-конференција на која ги презентираше работењето и активностите на Судот во изминатата година, како и приоритетите за 2026 година.
Упати апел до Судскиот совет и до Собранието да изберат двајца нови уставни судии, со цел Уставниот суд да продолжи непречено да ја извршува својата надлежност.
Во продолжение целосниот говор:
Почитувани претставници на медиумите,
На крајот од 2025-та година, должност ми е да ја информирам јавноста, граѓаните, за целокупната слика во работењето на Уставниот суд изминатата година.
Заокружуваме година во која Судот работеше ефикасно и транспарентно, во услови на зголемени очекувања и комплексни предизвици.
Во услови на динамични општествено-политички процеси, Судот и покрај притисоците и влијанијата, останa цврст столб на правната држава и неприкосновен чувар на Уставот.
Со чувство на одговорност и длабока почит кон граѓаните, можам да потврдам дека Уставниот суд, одговори на доверената задача, професионално, независно и непристрасно.
Ценејќи низ призмата на чувствителните предмети и на одлуките кои ги донесовме, ќе кажам дека не беше лесно и едноставно, ниту пак одлуките секогаш беа примени со одобрување во јавноста. Но, при носењето на одлуките се водевме од една единствена цел, а тоа е лојалноста кон Уставот, наспроти сите останати политички, економски и партиски обиди за влијанија!
Почитувани,
Довербата на граѓаните во Уставниот суд продолжува да расте, што се потврдува и со следните факти. Оваа година, до овој момент, имаме оформено 306 предмети, што е рекорден број од постоењето на Судот. Од нив, 271 се иницијативи и барања поднесени од граѓани, 7 од политички партии, 8 од државни институции, 3 од општини, а 2 предмета се по сопствена иницијатива на Судот.
Овие бројки ми овозможуваат да изразам искрено задоволство од укажаната доверба, бидејќи станува сè појасно дека граѓаните во Уставниот суд гледаат правно засолниште, институција во која можат да најдат заштита.
Прегледот на статистичките податоци укажува дека годинава имаме решено 230 предмети, бројка која е приближно иста како минатата година и се издигнува над просекот во последните 5 години. Најголем број од решените предмети беа формирани лани. Најстариот предмет кој овој суд го реши датираше од 2017 година, а тоа е Законот за електронски комуникации.
Исклучително сум задоволен што изминатата година беше година на значајни историски одлуки и новини во уставното судство. На конкретен начин во предметот за Законот за електронски комуникации и за измените во Кривичниот законик ја применивме новината, односно т.н. интертпретативна одлука, со која Судот, за да не создава правни празнини одлучуваше и го задолжи Собранието да постапи во согласност со нашите правни стојалишта.
Во решавањето на предмети од висок јавен и општествен интерес, како што беа измените на КЗ, Изборниот законик, но и други, Уставниот суд за прв пат во своето постоење ја штитеше уставноста и законитоста во нејзината најширока можна интерпретација, односно покрај материјалната уставност почна да ја цени и формалната уставност, или како Собранието ги носи законите.
Уставниот суд излезе од формализмот и започна нова ера во уставната правда, односно почна да ги применува т.н. „метаправни” аргументи и да ја оценува легитимната цел, општествената оправданост и нужност, како и пропорционалноста на законските решенија во однос на целите кои што сакаат да се постигнат.
Суштината на овие новини е да ја унапреди уставно-правната култура, да воведе уставна дисциплина меѓу државните органи, да ги штити трите власти од пречекорување на границите на нивните надлежности и изместениот баланс на спреги и кочници.
Со еден збор, да го обезбеди владеењето на правото и да ја врати довербата во правната држава!
Наспроти комформизмот на претходните состави, овој состав на Судот покажа судски активизам, не чекаше некој друг да му ја заврши работата. Внесовме и применивме значајни реформи.
Судот преку својата работа покажа дека правдата не смее да чека!
Покрај гореспоменатите важни предмети, Судот не се двоумеше да поништува закони, како што е Законот за данок на солидарност, не се колебаше да одлучува по т.н. сензитивни предмети. Постапувавме за платите на судиите и обвинителите, линеарното усогласување на пензиите, верските училишта, Законот за употреба на јазиците, Пописот. Судот навремено постапуваше и одлучуваше по предмети поврзани со изборниот процес. Утврдуваше повреди на слободите и правата што уживаат непосредна судска заштита.
Почитувани,
Оваа година нè стави пред значајни уставно-правни предизвици. Судот го положи тестот на професионално, одговорно, непристрасно и независно постапување во периоди кога бевме напаѓани и етикетирани со непристојни квалификации… Кога се вршеа притисоци и влијанија, кога се изрекуваа лаги и манипулации, насочени кон поединци и кон целата институција. Во такви моменти, манифестиравме интегритет и кредибилитет, чувајќи ја нашата независност и самостојност во делувањето.
Континуирано се обраќав кон граѓаните и предупредував на лагите и манипулациите поврзани со постапувањето на Уставниот суд и ме радува што граѓаните тоа го препознаа. Неколку пати сум кажал и повторно ќе кажам дека нервозата кај политичарите и државните органи од постапувањето на Уставниот суд значи само едно, а тоа е дека Судот е на прав пат при постапувањето.
Уставниот суд ја демонстрираше својата бескомпромисност дури и во услови на намален број на судии, а особено кога беа на испит „крупните” предмети.
Судот продолжи да ја унапредува транспарентноста, преку постојано информирање за сите предмети и активности, а особено со редовното одржување на брифинзи, интервјуа и прес-конференции и на судиите и јас лично како претседател. Огромен број на граѓани веќе ја следат нашата работа и на социјалните мрежи каде што катадневно се обраќаат со бројни прашања.
Значајно е да споделиме дека Судот со поддршка на меѓународни партнери интензивно вложува во зајакнување на капацитетите, и на кадровските и на техничките. Со поддршка на ЕУ делегацијата и проектот ИПА 3, како и ОБСЕ, нашите судии и советници се во постојан контакт и размена на добри практики со меѓународни експерти и судови.
Нашите драги пријатели од Турската агенција ТИКА оваа година поддржаа значајна област, а тоа е дигитализација на Уставниот суд, опремување на нашите простории со технички средства за снимање, управување на седниците и воопшто, работата на Судот.
Почитувани,
Особено сме горди што Уставниот суд се позиционираше како важен фактор и во меѓународниот свет на уставното право. Чест ни е што оваа година сме претседавачи со Балканскиот форум на уставни судови, што значи и јас како претседател и нашиот Суд ќе ги претставуваме балканските уставни судови на меѓународни настани.
Бевме дел од Европската, Светската Конференција на уставни судови, франкофонската конференција и имавме значајни средби и билатерални посети.
Сето ова се предуслови за да ја остварам целта која јас како претседател ја зацртав. Мојот приоритет онака како што се обврзавме заедно со стотици уставни судови во Мадридското коминике донесено на 6. Конгрес на Светската конференција на уставни судови во ноември…
Остануваме бескомпромисни во постапувањето, со независност и со инегритет, притоа свесни дека независноста не е цел сама по себе, туку неопходен услов за обезбедување на супрематијата на Уставот, ефикасна заштита на основните права и осигурување на балансот меѓу властите во држава која се раководи од принципите на владеење на правото.
Ќе работиме на обезбедување широка поддршка од сите политички чинители за да се донесат уставни измени во кои ќе се предвиди основ за двотретински закон за Уставен суд, како и за воведување на уставната тужба.
Имајќи предвид дека сите технички предуслови се исполнети, јас лично, како претседател, ќе инсистирам овој состав да овозможи снимање и пренесување во живо на сите седници, со цел граѓаните да се запознаат со работата на Судот одблизу и да разберат какви одлуки и на кој начин ги носиме. Тоа е единствениот и најсилен начин граѓаните да ја вратат довербата во институциите на системот.
Почитувани,
Дозволете ми на самиот крај да упатам неколку апели и пораки:
До Судскиот совет – Да постапат итно, неодложно и во најбрзо време! Да предложат кандидат за Уставен судија!
До Собранието – да постапат итно, неодложно и во најбрзо време! Да изберат уставни судии!
До политичарите –Да покажат повисоко ниво на уставно-правна култура и да се воздржете од лесно посегнување по етикети и поделби! Да покажат реална, а не декларативна посветеност на владеење на правото!
До државните органи – да се однесуваат дисциплинирано, да го почитуваат Уставот и да ги заштитат гарантираните права на граѓаните!
И, конечно, до сите граѓани во нашата држава– бидете спокојни, ние сме институција која ќе ги штити вашите права и која нема да прави компромиси со никого!
Запомнете, силата на Уставот лежи во одлучноста на секој еден од нас да го почитува Уставот, а посветеноста и одговорниот пристап кон владеењето на правото и правната држава претставува чин на врвен патриотизам! Тоа е наш долг кон сегашните и идните генерации!
Среќни новогодишни и божиќни празници на сите!
фото Уставен Суд


