Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на децата дека нема да дозволи злобен Дедо Мраз да се инфилтрира во Соединетите Американски Држави, учествувајќи во традиционалното божиќно следење на Дедо Мраз. За време на јавувањето од својата резиденција Мар-а-Лаго во Флорида, претседателот на децата им објаснил и дека јагленот е „прекрасен“, а Дедо Мраз има „помалку ангелска природа“, пишува „Скај њуз“.
Седејќи покрај божиќната елка, претседателот и првата дама примале повици од деца упатени до Северноамериканската команда за воздушна одбрана (НОРАД), која секоја Бадникова вечер ја следи патеката на санките на Дедо Мраз низ целиот свет.
Кога четиригодишно и десетгодишно дете од Оклахома го прашале зошто се следи Дедо Мраз, Трамп одговорил: „Сакаме да се погрижиме да не се инфилтрира, да не ни се инфилтрира злобен Дедо Мраз во нашата земја.“
За време на десетината повици што ги примиле, претседателот често ја користел можноста да ја пофали состојбата во земјата, велејќи дека е „во одлична состојба“ и дека „бројките се одлични“.
На осумгодишно девојче од Канзас, кое рекло дека не сака јаглен за подарок, Трамп ѝ појаснил: „Мислиш, чист, прекрасен јаглен. Морав да го кажам тоа, извини.“
Потоа додал: „Јагленот е чист и прекрасен. Ве молам, запомнете го тоа, по секоја цена. Но, ти не сакаш чист, прекрасен јаглен, нели?“
„Не“, одговорило девојчето, додавајќи дека повеќе би сакала Барби-кукла, облека и слатки.
Во разговор со осумгодишно дете од Северна Каролина, кое било загрижено дали Дедо Мраз ќе се налути ако не му остават колачиња, претседателот рекол дека не верува во тоа, но дека би бил „многу разочаран“.
„Знаете, Дедо Мраз – тој има помалку ангелска природа. Знаете ли што значи ангелска природа?“, се пошегувал Трамп, додавајќи: „Мислам дека Дедо Мраз би сакал колачиња.“
Претседателот бил добро расположен и изјавил дека би можел да прима повици цел ден, но набрзо напоменал дека веројатно мора да се врати на други работи, како Украина, Русија и Кина.
Во еден момент, додека првата дама разговарала, тој забележал дека таа не му посветува многу внимание, велејќи: „Таа може целосно да се фокусира, а да не слуша.“
Исто така, на петгодишно дете од Пенсилванија му рекол дека ги сака САД, истакнувајќи дека републиканците победиле на последните избори со „убедлива победа“.
По разговорите, Трамп се огласил на својата социјална мрежа „Трут соушал“ со пораката: „Среќен Божиќ на сите, вклучително и на радикалната левичарска олош која прави сѐ што може за да ја уништи нашата земја, но тоа им оди многу лошо.“/Извор:Makfax


