Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Денеска во Министерството за внатрешни работи беше отворено ново стрелиште кое што ќе осигура сите форензички испитувања на балистички докази поврзани со мало и лесно оружје да се спроведуваат во безбедна и сигурна средина, во согласност со меѓународните стандарди.

„Потребата од вакво стрелиште е повеќе од јасна, бидејќи секоја полициска организација значително ја зголемува својата ефикасност кога располага со стрелиште оформено како лабораторија за балистички истражувања, а таквиот капацитет овозможува контролирани услови за тестирање оружје и муниција, што води до добивање сигурни и споредливи резултати.“ изјави Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Стрелиштето ќе овозможи обука и ќе влијае на довербата кај граѓаните. „Прецизноста на резултатите ја зголемува довербата во истрагите и овозможува поцврсти докази пред судските органи, па затоа ваквото стрелиште служи како центар за обука, каде стручниот кадар може да ги усовршува своите вештини и методи. На тој начин, македонската полиција не само што ја подобрува оперативната работа, туку и го подигнува целокупниот професионален стандард. Со воспоставување на ваков современ капацитет, полицијата добива силна алатка за побрзо, потемелно и пообјективно решавање на случаи.“ изјави Тошковски.

За жал, поседувањето, злоупотребата и трговијата со мало и лесно оружје и понатаму претставуваат закана за безбедноста на граѓаните, па од таму потекнува и потребата континуирано да се работи на ова поле, посочи Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан. „УНДП, заедно со донаторите на проектот, останува посветен на поддршката на Министерството за внатрешни работи во справувањето со малото и лесното оружје. Ваквите иницијативи се од суштинско значење за градење на мир, правда и силни институции, како една од целите на Агендата 2030 која има позитивно влијание врз многу други области на одржливиот развој.“ изјави Григорјан.

Модерната балистичка лабораторија овозможува напредни анализи на траектории, отпечатоци од цевки и други микроскопски траги кои се клучни за расветлување на кривични дела, при што полицијата може брзо да идентификува дали одредено оружје е употребено во конкретен настан.

Интервенцијата на стрелиштето чини околу 200.000 американски долари и е реализирана во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите на системот за форензика и истрага на местото на настанот за подобрување на кривично-правната контрола на мало и лесно оружје“, кој го имплементира УНДП во рамките на Патоказот за контрола на мало и лесно оружје на Западен Балкан, чиј потписник е Македонија. Како донатор на проектот се јавува Мултилатералниот доверителен фонд на Обединетите нации за мало и лесно оружје на Западен Балкан, кој го сочинуваат Германија, Холандија, Шведска, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка, со поддршка на Европската Унија.

Можеби ќе ве интересира

Филипче: Струјата поскапе поради катастрофалното менаџирање на ВМРО-ДПМНЕ

ДЕСК

Семејна драма во Центар двајца синови го нападнале својот татко

ДЕСК

Шокантен семеен инцидент во Скопје физички напад во семеен дом – Жена пријавила дека е нападната од снаата

ДЕСК