Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека колапсот на Украина би бил катастрофа за Унгарија и дека мора да се направи сè за да се спречи тоа.
Тој ја испрати пораката во неделата за време на говорот во Сегед како дел од својата предизборна турнеја, каде што се соочува со силна опозиција пред претстојните избори прв пат по 15 години на власт, пренесува „Евроњуз“.
„Немојте да се залажувате: колапсот на Украина би бил катастрофа за Унгарија. Затоа колапсот на Украина не е во интерес на Унгарија, но ние мора да направиме многу за да го спречиме“, им рече Орбан на своите поддржувачи фокусирајќи се на надворешната политика.
Тој го илустрира својот став со споредба: „Луѓето од село совршено добро разбираат дека вредноста на вашето парче земја е под влијание не само на состојбата на таа земја туку и на состојбата на соседното парче земја, како и на тоа кој живее таму“.
Клучен снабдувач со енергија
Орбан исто така истакна дека Украина зависи од Унгарија за 44 % од својата електрична енергија и 56 % од природниот гас што го троши. Тој додаде дека значителен дел од оваа енергија доаѓа од руски извори. Унгарските власти претходно ги наведоа овие бројки како одговор на критиките за блиските врски на Унгарија со Русија.
Еден ден претходно, унгарскиот премиер коментира за руската инвазија на Украина наведувајќи дека е „тешко да се каже кој кого нападнал“, што е спротивно на преовладувачкиот меѓународен став за војната.
Во својот говор во саботата тој исто така го повтори својот став дека обезбедувањето воена помош за Украина само го продолжува конфликтот и, според него, не им служи на интересите на Украина./Извор:Makfax


