Centar.mk
СВЕТ

„Од Украина до Молдавија, од Западен Балкан до Турција“: Кои се приоритетите на претседавањето на Кипар со Европската Унија

Кипарскиот претседател Никос Христодулидис вчера во Лефкара ги претстави програмата и приоритетите на претседавањето на земјата со ЕУ од 1 јануари, како и логото и мотото на претседавањето.

Приоритетите на кипарското претседавање ќе бидат автономија преку безбедност, одбранбена подготвеност и спремност, автономија преку конкурентност, автономност и отвореност кон светот, автономна Унија на вредности која никого не остава на страна, како и долгорочен буџет на автономна Унија.

Во согласност со овие приоритети, мотото на кипарското претседавање „Автономна Унија. Отворена кон светот“, како што се наведува на официјалната веб-страница на кипарското претседавање со ЕУ, го одразува визионерскиот пристап кој ја комбинира внатрешната сила и независност со отвореност, соработка и глобален ангажман.

Во рамки на третиот приоритет – автономна и кон светот отворена Унија – се нагласува дека проширувањето на ЕУ е во центарот на овој процес, пренесе агенцијата „Бета“.

„Од Украина до Молдавија, од Западен Балкан до Турција, проширувањето е најмоќното геополитичко средство на ЕУ. Во суштина, станува збор за проширување на нејзиниот витален простор на безбедност, стабилност и можности“, се наведува.

Претставувајќи ги приоритетите, Христодулидис изјави дека Европа и во минатото се соочувала со сложени, па дури и егзистенцијални кризи и дека морала да одговори преку развој, додавајќи дека новина денес се интензитетот, плурализмот и комплексноста на предизвиците.

„Автономијата е следниот чекор во еволуцијата на проектот на европската интеграција. Потребна ни е Европа без поделби“, истакна кипарскиот претседател.

За време на своето второ претседавање со ЕУ, Кипар, како што е најавено, ќе дејствува како одговорен и чесен посредник и ќе соработува тесно со Европскиот парламент и Европската комисија, со цел предизвиците да се претворат во можности и да се обезбеди амбициите да бидат проследени со конкретни активности и опипливи резултати.

Со кипарското претседавање ќе заврши осумнаесетмесечниот програм на триото претседавања на Полска, Данска и Кипар.

На крајот на јуни следната година, Кипар ќе го предаде ротирачкото шестмесечно претседавање со Советот на Европската Унија на Ирска./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви

ДЕСК

46 жртви во железничката несреќа во Шпанија

ДЕСК

Во текот на изминатото деноноќие, Русија извршила вкупно 1.019 напади врз Украина

ДЕСК