Centar.mk
фото Стопанска Комора
ПРОМОБИЗНИС

Оддржана конститутивна седница на Бизнис клуб Европа во Стопанската комора

Во Стопанската комора на Северна Македонија на 18 декември 2025 година се одржа конститутивната седница на Бизнис клуб Европа, новоформирано советодавно тело за прашања од значење за бизнис-заедницата кои имаат директно влијание врз стратешката цел на државата – интеграција во Европската унија и напредување во процесот на пристапните преговори.

Бизнис клуб Европа е формиран на иницијатива на претседателот на Комората, Бранко Азески, со цел да обезбеди структурирана платформа за дијалог и координација помеѓу бизнис-заедницата, академската јавност, релевантните чинители во евроинтегративните процеси и дипломатските претставници од европските земји. Главниот фокус на делувањето на Клубот е насочен кон прашања поврзани со Европската унија, интеграцијата на македонското стопанство во европските процеси, ЕУ-дипломатијата и градењето политики кон ЕУ од перспектива на бизнис-заедницата. Клубот ќе функционира и како ефикасен инструмент за обезбедување повратни информации од деловната заедница до Европската комисија, а ќе функционира и како проектна активност во рамки на Enterprise Europe Network.

„Формирањето на Бизнис клуб Европа претставува јасна определба на Стопанската комора активно и аргументирано да го вклучи македонското стопанство во процесот на европска интеграција. Нашата цел е бизнис-заедницата да има силен, координиран и препознатлив глас во креирањето на националните позиции во пристапните преговори и во комуникацијата со институциите на Европската унија. Во исто време, во рамки на своите активности, Бизнис клуб Европа ќе организира тркалезни маси, дебатни форуми, информативни, промотивни и настани за вмрежување, со цел промоција на процесот на пристапување во ЕУ и зајакнување на улогата на бизнисот во тој процес“, изјави претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.

Бизнис клуб Европа брои 17 членови – истакнати претставници од македонското стопанство, научната фела и експерти во областа на евроинтеграциите. Преку своето делување, Клубот ќе придонесува кон следење на текот на пристапните преговори, подготовка на мислења, насоки и позициски документи, застапување на интересите на бизнис-заедницата пред институциите на Европската унија, како и унапредување на јавната и медиумската видливост на европската агенда во стопанството. На конститутивната седница, за претседател на Бизнис клубот Европа беше избран Глигор Цветанов, генерален директор на „Макпрогрес“ ДОО Виница.
Со формирањето и одржувањето на конститутивната седница на Бизнис клуб Европа, Стопанската комора на Северна Македонија ја зацврстува својата улога како активен и релевантен партнер во процесот на европска интеграција и како глас на македонското стопанство на европско ниво.

фото Стопанска Комора

Можеби ќе ве интересира

Се одржа 56. сесија на Клубот на истражувачите

ДЕСК

Спроведени 262 контроли на безбедноста на новогодишните пакетчиња, утврдени се минимални недоследности

ДЕСК

The Economist MeetUp: The World Ahead 2026 – Конференција што ја обележа годината

ДЕСК