Пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска учествува на состанокот на Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа кој на 9 декември 2025 година се одржува во Париз.
Дневниот ред на состанокот кој се одржува зад затворени врати, го вклучува и Извештајот и прелиминарната нацрт резолуција за пост-мониторинг дијалогот на Парламентарното собрание на Советот на Европа со Република Северна Македонија, подготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија од Групата на Социјалистите и Џозеф О’Рајли од Ирска од Европските народни партии.
Другите точки на дневниот ред за кои ќе расправаат членовите на Мониторинг комисијата се напредокот на мониторинг постапката на Парламентарното собрание за периодот од јануари до декември 2025 година, потоа почитувањето на обврските и заложбите преземени од страна на Грузија при приемот во Советот на Европа, почитување на обврските и заложбите од страна на Турција, функционирањето на демократските институции во Словачка, пост-мониторинг дијалогот со Албанија, функционирањето на демократските институции во Босна и Херцеговина како и почитувањето на обврските и заложбите на Шпанија преземени при членството во Организацијата.
Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа е одговорна за следење на услогласеноста на земјите-членки со основните демократски стандарди, како што се слободните избори, владеењето на правото, човековите права и судската независност. Комисијата има на располагање неколку механизми и тоа целосна мониторинг постапка што подразбира поблизок и поредовен надзор, пост-мониторинг дијалог како полесен систем на следење на преостанатите обврски и давање совети, како и периодични извештаи до Парламентарното собрание за напредокот на секоја земја членка и предлагање резолуции или препораки за понатамошни дејствија.
Мониторинг комисијата има за цел да ги поддржи земјите-членки во зајакнувањето на нивните демократски институции и исполнувањето на стандардите на Советот на Европа.
фото Собрание на РМ


