„Визијата за Македонија 2030 е визија за стабилна, продуктивна, правична и европски позиционирана држава, со економија што расте на знаење и труд, со институции што опстојуваат над политичките циклуси, со самосвесен национален идентитет, со зелен и технолошки развој, и со општество што верува во заедничката иднина“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање во отворениот дел на XVIII конгрес.
Претседателот Мицкоски, истакна дека Македонија 2030 не е декларативен документ, туку темелна политичка рамка. Мицкоски потенцираше дека реализирањето на оваа визија бара сериозна, континуирана и одговорна политика која ја става државата пред дневната партиска добивка.
„Периодот 2025–2030 е стратешка раскрсница за државата. Во свет на променети геополитички рамнотежи, нови економски модели и еволуирани демократски стандарди, Македонија може да напредува само ако има политичка сила што води со јасна визија и со чувство за историскиот момент“, вели Мицкоски и додава:
„ВМРО-ДПМНЕ, како најголем носител на државноста, ја презема таа улога со целосна свест за одговорноста која ја носи секој следен чекор. Партијата влегува во новата декада со уверување дека политичката зрелост не се мери со реторика, туку со способност да се трасира правец што ја штити државата денес и ја јакне за утре. Визијата за современа Македонија почива на јасни принципи: држава што го чува својот идентитет; држава што ја брани својата суверена позиција; држава што ја гради својата европска перспектива врз основа на партнерства, реформи и достоинствено претставување“.
Претседателот Мицкоски нагласи дека Македонија може да биде силна, конкурентна и стабилна држава, но тоа бара работа, постојаност и политичко лидерство водено од стратешка мисла, а не од дневни импулси.
фото ВМРО ДПМНЕ


