Жолто ниво за предупредување од можни поплави-состајбата со водотеците е потенцијално опасна, предупредува УХМР.
Останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од течението заедно со притоките. Бранот на вода во текот на денов се движи кон Скопје и низводно кон Јурумлери, Орешани, Орешонци и Зелениково.
На потегот од Јурумлери до Зелениково можно е локални излевања на реката и појава на локални заезерувања на водата. До крајот на денот се очекува постепено движ ење на бранот на водата по коритото на реката Вардар низводно.
Се уште е висок водостојот на река Лепенец, како и на река Пчиња во горниот дел од нејзиното течение каде исто така се можни слаби локални излевања. Можно е излевања на река Кумановска каде исто така има значително покачен водостој. Во текот на денот има значително зголемување на водостојот на река Црна и пред се на нејзината притока река Драгор каде се очекува да биде полно коритото на реката во текот на денов. Исто така зголемување на водостојот има на река Треска, но засега без опасност од излевање на реката. Во сливот на река Радика заедно со сите нејзини притоки се очекува да продолжи високиот водостој во текот на денот. На истокот од земјата прилично висок водостој бележи река Крива. Исто така, поради обилните врнежи можно е појави на одрони и свлечишта особено во западните делови на земјата. Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и водотоците во текот на денешниот ден.


