Се проценува дека кинеските патници откажале стотици илјади авионски билети за Јапонија, бидејќи продолжува дипломатскиот спор околу ставот на Јапонија кон Тајван.
Под притисок од бизнис групите, Јапонија испрати висок дипломат во Пекинг во обид да ги смири тензиите, откако јапонската премиерка, Санае Такаичи, изјави дека нејзината земја би можела воено да се вклучи доколку Кина се обиде да го нападне Тајван.
Нејзините забелешки ја разбеснија кинеската влада, која издаде предупредувања до кинеските патници и студенти да избегнуваат да одат во Јапонија. Најмалку седум кинески авиокомпании, вклучувајќи три државни авиокомпании, објавија дека ќе понудат бесплатни откажувања на патниците со билети за Јапонија.
Аналитичарот за воздушен сообраќај Ханминг Ли рече дека податоците за заминувања сугерираат дека околу 500.000 авионски билети за Јапонија се откажани помеѓу 15 и 17 ноември.
Кинескиот портал Џиму њуз објави дека „Сичуан ерлајнс“ ги откажала сите летови помеѓу Ченгду и Сапоро од јануари до крајот на март. Нискобуџетниот превозник „Спринг ерлајнс“ исто така откажа голем број летови до Јапонија.
Кина е втор најголем извор на туристи за Јапонија, а кинеските студенти го сочинуваат мнозинството меѓународни студенти во Јапонија. Акциите на јапонските малопродажни и туристички компании паднаа во понеделник откако беа воведени мерките.
Ли изјави за „Гардијан“ дека ова е најголемото масовно суспендирање на летови што го видел од почетокот на пандемијата на Ковид. Сепак, тој верува дека ова нема да има прекумерно влијание врз домашната индустрија на Кина. „Не е голема загуба за авиокомпаниите, бидејќи пазарот на летови Кина-Јапонија е мал во споредба со целиот домашен и меѓународен пазар“, тврди тој.
Откажувањата на патувањата се дел од растечкиот список на економски контрамерки, по реакциите кои до недела беа претежно реторички.
Дистрибутерите на филмови го одложија објавувањето на најмалку два јапонски филма во Кина, а државните медиуми објавија дека продажбата на билети за веќе објавениот јапонски филм „Убиец на демони: Замок на бесконечноста“ опаднала во последните денови. Државниот радиодифузер CCTV соопшти дека падот на гледаноста се должи на „силното незадоволство кај кинеската публика“ од забелешките на јапонската премиерка./Извор:Makfax


