Семејството и пријателите жалат за смртта на 18-годишната Ана Кепнер од Титусвил, Флорида, која беше пронајдена мртва на крузерот „Карнивал Хорајзон“. Нејзината смрт, која се случи под нејасни околности, е предмет на истрага на ФБИ.
Ана Кепнер беше пронајдена мртва на крузерот кога се враќаше во пристаништето во Мајами во сабота, 8 ноември.
„Смртта на гостин на патувањето со ‘Карнивал Хорајзон’ е под истрага на ФБИ“, потврдија претставници на „Карнивал Круз“ во соопштение, објави „Флорида Тудеј“. Компанијата додаде дека нивниот „фокус е на поддршка на семејството на нашиот гостин и соработка со ФБИ“.
Телото е предадено во Канцеларијата на медицинскиот испитувач во округот Мајами-Дејд за обдукција, чии конечни резултати би можеле да бидат познати по недели. Прелиминарната причина за смртта не е објавена.
Телото на навивачка од средно училиште пронајдено мртво на крузер „Карнивал“ било завиткано во ќебе и ставено под кревет, објавува „Дејли меил“. Извори за „Дејли меил“ изјавиле дека Ана се пожалила дека се чувствувала лошо вечерта на 6 ноември додека била на вечера, па отишла во својата кабина.
Следното утро, кога нејзиниот татко Кристофер Кепнер (41) и маќеата Шонтел Хадсон (36) ја поканиле на појадок, тинејџерката никаде не била пронајдена.
Семејството почнало да го пребарува огромниот брод, но на крајот собарката наишла на телото на Ана кога влегла во кабината за да ја исчисти околу 11 часот наутро на 7 ноември. Два извори кои разговарале со „Дејли меил“ под услов на анонимност велат дека девојчето било пронајдено завиткано во ќебе, покриено со елеци за спасување и ставено под кревет.
Заедницата во Титусвил е длабоко погодена од нејзината смрт. Учениците и наставниците се собраа на паркингот на училиштето на 10 ноември околу нејзиниот бел автомобил, покривајќи го со цвеќе и балони во знак на сеќавање. Погребот на Ана ќе се одржи на 20 ноември.
Семејството ги замоли присутните да не носат црно. „Ве молиме да носите бои во чест на светлата и прекрасна душа на Ана. Нејзината омилена боја беше сина“, се вели во некрологот. Семејството, исто така, побара приватност и да се воздржи од онлајн шпекулации за причината за смртта. „Таа беше најдоброто дете што некогаш сте можеле да го запознаете“, рекоа тие. „Секогаш ќе ја паметиме таква каква што беше.“/Извор:Makfax


