Соопштение на Левица:
Градската власт усвои мерка која го забранува фрлањето отпад во периодот од 22:00 до 06:00 часот, со што секој граѓанин во Скопје станува потенцијален прекршител само затоа што се обидел да постапи совесно. За ваквиот сулуд предлог кој не одговара на реалноста и никако не е решение на горливиот проблем, единствено советничката група на Левица се спротистави и гласаше против.
Оваа одлука всушност претставува признание дека ДПМНЕ и Орце немаат намера КХС да го стават на нозе и дека не успеваат да обезбедат јавна хигиена преку своите обврски и ресурси. Но наместо да се понуди реформа, анализа на состојбата, јасни стандарди, инвестиции во опрема, модернизација и воспоставување ред – решението се бара во ограничување на часови и во нелогично казнување како инструмент што ја маскира причината наместо да ја надмине.
Донесувањето на оваа мерка без перципирање на причините за преполните контејнери, слабата логистика, нерегуларните маршрути, дивите депонии, покажува уште една слабост – отсуството на визија.
Со ваквата одлука, наместо комуналните редари и инспекторите да се фокусираат на несовесните, големите загадувачи и на дивите депонии – тие ќе треба да патролираат околу контејнерите во Скопје и да ловат граѓани коишто сакаат да фрлат ѓубре во канта.
Мерката е нејасна и, де јуре, воопшто не ги таргетира фирмите и субјектите кои депонираат отпад во големи количини и кои се извор на нарушувањата на јавната хигиена, бидејќи мерката е дадена и донесена само за сметот на колективните и индивидуални станбени објекти.
Дополнително, не е испочитуван ниту основниот принцип на vacatio legis, односно оваа мерка стапува во сила веднаш, без соодветно информирање на јавноста и без создавање на реални услови за нејзино остварување, а одлука што не остава време за прилагодување е одлука која всушност се донесува за демонстрација на сила.
Левица гласаше против затоа што оваа одлука не е решение, туку симптом на погрешен однос кон проблемот. Во вакви услови, ограничувањето на граѓаните е само симболичен гест со кој се симулира ред таму каде што нема волја за воспоставување ред.
Реакцијата на Левица на новоусвоената одлука во Град Скопје за ограничување на одлагањето отпад во ноќните часови е и принципиелна позиција против еден погрешен концепт на владеење т.е. идејата дека системските слабости можат да се прикријат со казни за оние што најмалку придонеле за нивното создавање.


