Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Адеми: Извештајот на Европската Комисија – алармантен сигнал за застојот на Северна Македонија на европскиот пат

Во прилог Ви праќаме говор и линк од прес-конференцијата на потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми:

Демократската унија за интеграција ја изразува својата длабока загриженост за исклучително негативната оценка што Европската комисија ѝ ја даде на Северна Македонија во својот најнов извештај за 2025 година. Овој извештај, кој е дел од Пакетот за проширување, претставува една од најслабите оценки што нашата држава ги има добиено во последните десет години.

Тој е јасен одраз на институционалниот застој, недостигот од реформи и недоволниот политички капацитет за придвижување на земјата напред кон Европската Унија.

Европската комисија говори со јасен и недвосмислен јазик. Термините што се користат во извештајот – „без напредок“, „ограничен напредок“, „не се преземени мерки“ и „имплементацијата останува слаба“ – претставуваат сериозна дијагноза за внатрешната состојба на државата.

Ова не се политички интерпретации, туку официјални оценки од самата Европска Унија. Пораката е јасна: Северна Македонија стагнира и губи чекор во однос на земјите од регионот.

Во сржта на проблемот се наоѓа неуспехот на Владата да ги исполни основните услови за отворање на преговорите, вклучително и првиот кластер што се однесува на владеењето на правото и функционирањето на правосудните институции. И покрај долги години ветувања, процесот останува во место. Наместо градење моментум, гледаме целосен недостиг од координација, управувачка неспособност и недостиг на политичка волја за вистински реформи.

Една од најкритичните точки што ги истакнува извештајот е неуспехот да се реализираат уставните измени, кои се јасен услов поставен од Европскиот совет. Комисијата нагласува дека не е направен ниту еден обид за нивно усвојување.
Ова не е само техничко доцнење – ова е прекршување на меѓународна обврска и сериозно го поткопува кредибилитетот на државата пред нашите европски партнери.

Подеднакво загрижувачка е состојбата во владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата. Комисијата констатира дека нема никаков напредок во овие суштински области.
Корупцијата останува распространета, а политичкото влијание врз правосудниот систем е реалност што ја гледаме секојдневно. Овие фактори директно ја попречуваат европската интеграција на Северна Македонија.

И реформата на јавната администрација, која требаше да биде еден од столбовите на институционалната модернизација, останува само на хартија. Комисијата посочува дека практичната имплементација недостасува, додека администрацијата продолжува да биде политизирана, немеритократска и без европски стандарди на ефикасност. Во вакви услови, земјата не може да изгради капацитети неопходни за функционално членство во европското семејство.

Во областа на демократијата и институциите, извештајот е исто така критичен. Земјата нема преземено мерки за исполнување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија за изборен интегритет, институционална транспарентност и демократско функционирање на Собранието. Наместо зајакнување на институциите, сведочиме нивно ослабување и продлабочена политизација.

Комисијата забележува и недостаток на напредок во сферата на основните права и слободата на изразување.
Условите во затворите остануваат неприфатливи, законите за човекови права не се спроведуваат целосно, а новинарите продолжуваат да работат во атмосфера на несигурност.
Ова укажува дека европските вредности сè уште не се вкоренети во нашиот институционален систем.

Дури и во економскиот дел, извештајот упатува на мрачна слика: висока инфлација, зголемени дефицити и ниска конкурентност. Владата не успева ефективно да ги искористи фондовите на Европската Унија — директна загуба за граѓаните, економијата и развојот на државата. Додека другите земји од регионот напредуваат, Северна Македонија заостанува дури и во искористувањето на европските финансиски инструменти.

Сите овие констатации ја ставаат Северна Македонија во алармантна позиција. Додека Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина добиваат признание за измерлив напредок, Северна Македонија губи чекор и кредибилитет. Ако ваквиот пристап продолжи, државата ризикува да остане надвор од новиот бран на проширување на Европската Унија.

Почитувани граѓани,

Извештајот на Европската комисија е аларм кој треба да ја разбуди политичката и институционалната свест во земјата. Декларациите и реториката повеќе не се доволни; потребни се конкретни дејствија, одговорност и искрена волја за вистински реформи.

Демократската унија за интеграција верува дека европската интеграција не е политички слоган, туку национална и стратешка обврска.
Ние сме и ќе останеме главниот промотор на овој процес, бидејќи знаеме дека иднината на државата, без никаква дилема, е во Европската Унија.

ДУИ ќе продолжи да биде одговорниот глас што бара отчетност, транспарентност и реформа.

Ќе продолжиме да го штитиме европскиот интерес на нашите граѓани, бидејќи интеграцијата нема алтернатива.

Европскиот пат е единствениот пат што гарантира демократија, правда и развој за сите.

error: Соддржината е заштитена.