Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Христоски: СДСМ мора да биде партија во која секој член ќе биде слушнат и почитуван

СДСМ мора, може и ќе биде движечка сила на промените – државотворна партија што ја носи Македонија во ново време, вели Томе Христоски, доскорешен градоначалник на Крушево.

„СДСМ мора да биде партија во која секој член ќе се чувствува слушнат, почитуван и вреден. Партија што ќе биде коректив на власта, но никогаш нечиј привезок за поткусурување или лични интереси. Време е да се обединиме, да ја подигнеме главата и да покажеме дека СДСМ живее, дише и се бори за секој човек, за секој дом, за секој град, за секое населено место.Време е повторно да веруваме – во себе, во СДСМ и во Македонија“ истакна Христоски во објава на социјалните мрежи.

Според него, не е важно кој ќе биде на чело на партијата, затоа што сето ова не е битка за фотелји туку битка за СДСМ и иднината на државата.

Понатаму, Христоски наведува дека е потребно да се врати блискоста со членството, но и да се окрупни опозицискиот блок во ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ има апсолутна власт.

„Секоја поделба, секоја елиминација и секоја фракција ја ранува нашата основа. СДСМ мора повторно да биде едно, да обединува, да води, да носи издржани, основани решенија на проблемите. Да знаеме дека секој член, секој симпатизер, секој активист е подеднакво важен – затоа што само заедно можеме да изградиме едно општество за сите. Ни треба нова енергија, нова визија и нова стратегија, но заснована на старите, чесни вредности – еднаквост, солидарност, правда и труд.Секој е потребен, од младинец до ветеран!Секој поединец, група или здружение на граѓани, секој експерт, но и проширување и окрупнување на опозицискиот критички блок, кој ќе им дише секојдневно во вратот на денешната апсолутна власт на ДПМНЕ. Само така ќе ја вратиме силата, достоинството и кредибилитетот на СДСМ. Само така повторно ќе ја запалиме искрата на надежта кај народот“ пишува Христоски.

error: Соддржината е заштитена.