Денеска (10.11.2025 година) државниот секретар Сашо Петрушевски одржа работен состанок со г-ѓа Мелита Груевска – Грахам, специјалниот претставник на Меѓународниот центар за развој на миграциската политика – ИЦМПД за Западен Балкан. На состанокот присуствуваа и учествуваа претставници од надлежните служби на Министерството за внатрешни работи и други претставници на ИЦМПД.
На средбата се дискутираше за тековните и идните можности за зајакнување на соработката меѓу двете институции, со разгледување на можностите за имплементација на национален проект согласно приоритетите во областа на миграциите.
Од страна на државниот секретар Петрушевски се потврдија заложбите за сеопфатна реформа на Министерството за внатрешни работи, особено на граничната полиција и Центарот за обука. Заради зајакнување на оперативниот капацитет, институционалната ефикасност и професионалниот развој на вработените во Министерството за внатрешни работи се истакна потребата од техничка помош во управувањето со миграцијата, градење капацитети и стратешка поддршка во согласност со стандардите и добрите пракси на Европската унија.
Во продолжение на состанокот беа претставени контурите на идната соработка меѓу двете институции во контекст на портфолиото на ИЦМПД во регионот на Западен Балкан, со посебен осврт на предложените активности, очекуваните резултати и конкретни цели.
На крајот на состанокот, од страна на државниот секретар беше констатирано дека соработката е на исклучително високо ниво и дека ИЦМПД е постојан партнер на македонското Министерство за внатрешни работи не само во управување со миграциските текови, туку и при модернизацијата на институцијата преку градење на ефикасни и технички поддржани работни процеси и ефикасно обучување и управување со човечките ресурси.
Оваа статија има 340 прегледи


