Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, остро го критикуваше поранешниот српски претседател Борис Тадиќ откако тој ги повика граѓаните да излезат на улица синоќа.
„Катастрофа од човек кој, за наше големо жалење и уште поголем срам, беше претседател на Република Србија, повикува на граѓанска војна. Тој похотливо и екстатично повикува луѓето да излезат на улица и да ги нападнат своите соседи, пријатели, членови на семејството, познаници. Тој не повикува на дијалог и смирување на тензиите, не, тој повикува на насилство. Дури и за човек кој изјави на ХРТ дека не е толку горд што е претседател на Србија, тоа е многу“, напиша Брнабиќ на Икс.
Вчерашниот ден беше обележан со тензии пред српското Собрание во Белград. Голем број граѓани се собраа во поддршка на Дијана Хрка, мајката на трагично загинатиот Стефан Хрка, која започна штрајк со глад.
Во исто време, поддржувачи на владата се собраа и во близина, во шаторска населба позната како Чациленд. Меѓу двете групи имаше голем кордон од полиција за немири. Летаа шишиња и пиротехника.
Додека пред српскиот парламент се одвиваа судири, Тадиќ напиша на Икс: „Во овие околности, тактички е важно секој што не може да дојде во Белград да организира протести во своите градови низ Србија! На овој начин, ја ослабуваме моќта на режимот да се спротивстави на масовните демонстрации во поддршка на Дијана Хрка во Белград. СИТЕ НА УЛИЦИ! ДО ПОБЕДА!“/Извор:Makfax


