Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Одбележување на 25 години од женското лидерство во изградбата на мирот и безбедноста

Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија заеднички ја одбележаа 25-годишнината од усвојувањето на Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на Обединетите нации за жените, мирот и безбедноста (WPS), историска резолуција усвоена на 31 октомври 2000 година, која ја признава клучната улога на жените во превенцијата и решавањето на конфликти, мировните преговори, изградбата на мирот, мировните мисии, хуманитарните одговори и постконфликтната обнова.

Настанот ги обедини високите претставници од Владата на Северна Македонија, дипломатскиот кор, безбедносните институции и меѓународните партнери со цел повторно да ја потврдат својата посветеност на унапредување на лидерството и учеството на жените во процесите на одлучување за мир и безбедност.

“Ние, жените не бараме предност, туку признавање и користење на нашата еднаква способност во борбата за res publica, за општо добро.

Агендата за жени, мир и безбедност не повикува на милост, туку на разум и на чест. Таа предупредува дека тие се неостварливи во социјален амбиент во којшто се перцепираат и третираат како привилегија на посилните, наместо како право на сите држави (големи, мали, средни), на сите нации (мали или големи, славни или непознати), на сите човечки суштества.

Да ја погледнеме реалноста не само со очите, туку и со умот и со срцето. Денес, кога ја одбележуваме 25-годишнината од Агендата за жени, мир и безбедност и од Резолуцијата 1325, околу седумстотини милиони жени и девојчиња живеат во радиус од педесет километри од зоните на конфликтите, што е највисока бројка во последните три децении! За каков просперитет тогаш зборуваме, за каква демократија ламентираме?” истакна претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски го нагласи напредокот во поглед на родовата компонента во легислативата и стратешките документи, особено осврнувајќи се на фактот дека во континуитет бројот на припаднички во Армијата се зголемува.

„Особено сакам да го истакнам процентот на офицерки кој достигна околу 23 проценти, бројка која постојано расте и е најголема досега. Овде би сакал да додадам дека забележителен успех можеме да видиме и во Министерството за одбрана, каде денеска процентот на жени кои се на раководни позиции изнесува над 50%“, рече Мисајловски. Додаде дека правичната родова застапеност и создавање на еднакви услови за развој во кариера на жените и мажите е една од препознатливите политики и стратешки приоритети во Министерството за одбрана и во Армијата.

Мисајловски истакна дека сето ова е постигнато со придонес од вработените во Министерството за одбрана, Армијата, Канцеларијата на UN Women и останати претставници од граѓанскиот сектор, кои постојано даваат придонес во промовирање на родовата еднаквост и имплементација на родовата перспектива во одбранбениот сектор.
„Пред дваесет и пет години, Резолуцијата на Обединетите нации за жените, мирот и безбедноста ѝ даде глас на една едноставна вистина: лидерството на жените е клучно за постигнување праведен и траен мир. Оттогаш, Резолуцијата донесе позитивни промени на глобално ниво и претставува важен елемент на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Сепак, тоа е работа што сè уште трае. Потребни се дополнителни напори за да се трансформираат институциите и структурата на моќта. Северна Македонија направи значајни чекори со своите национални акциски планови, интегрирајќи ги родовите перспективи во мирот и безбедноста. Нашата заедничка визија е јасна: Европа — и свет — каде што лидерството на жените во мирот и безбедноста веќе не е исклучок, туку правило. Затоа што кога жените водат, мирот трае,“ изјави амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михалис Рокас.

„Со усвојувањето на Резолуцијата 1325, пред четврт век, за прв пат е препознаено дека жените се непропорционално погодени како жртви од конфликтите, подложени се на родово базирано насилство во различни форми за време на конфликти, а во исто време се моќни агенти на мирот и играат витална улога во превенција, решавање и закрепнување на истите. Сепак ветувањето од Резолуцијата 1325 останува недовршено. Оваа годишнина не е само прослава, таа е повик за акција,“ потенцираше раководителката на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, Весна Ивановиќ-Кастаред.

Двете интерактивни панел-дискусии се осврнаа на постигнатиот напредок и на понатамошните чекори за спроведување на агендата за жените, мирот и безбедноста. Првиот панел ги вклучи амбасадорите на Шведска, Обединетото Кралство, Холандија и Германија, кои споделија национални искуства, научени лекции и идеи за унапредување на поинклузивна и поотпорна глобална рамка за мир и безбедност.

Вториот панел ги обедини високите претставници од Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата, Воената академија и учесничките во мировните мисии. Панелист(к)ите ја истакнаа важноста на родово одговорното лидерство во одбраната и оперативното значење на учеството на жените во мировните мисии – како прашање на еднаквост, но и како стратешка придобивка за поефикасна безбедност насочена кон луѓето.

Во изминатите 25 години, агендата за жените, мирот и безбедноста стана столб на меѓународната политика за изградба на мир. Глобалната рамка на UN Women нагласува дека суштинското учество на жените води кон поодржливи мировни договори и поголема општествена отпорност. Сепак, жените сè уште се недоволно застапени во процесите на одлучување во безбедносниот и одбранбениот сектор на глобално ниво.

Северна Македонија постигна значаен напредок преку спроведувањето на Вториот национален акциски план за Резолуцијата 1325 (2020–2025), со поддршка од UN Women и Британската амбасада во Скопје. Земјата ги зајакна институционалните механизми за родова еднаквост во одбраната и безбедноста, ја зголеми застапеноста на жените на раководни позиции и ги унапреди родово чувствителните обуки и стандарди. Анализата за родот и безбедноста во Северна Македонија (2024) укажува на растечка институционална свест, но и на потребата од поцврсти системи за прибирање податоци и отчетност при мерење на напредокот и резултатите.

Додека регионот на Западен Балкан напредува низ Берлинскиот процес, овој настан претставуваше можност повторно да се потврдат заедничките регионални и национални заложби за целосна примена на агендата за жените, мирот и безбедноста и интеграција на родовата еднаквост како темел на мирот, стабилноста и евро-атлантската интеграција.

Настанот заврши со заеднички повик на акција: да се претвори наследството на Резолуцијата 1325 во трансформативна и мерлива промена, обезбедувајќи женските гласови и лидерство да останат во сржта на изградбата на мирни и безбедни општества во Северна Македонија и пошироко.

Можеби ќе ве интересира

Се бара притвор за скопјанец откако преку пораки и се заканувал на поранешната девојка, а потоа дошол и пред клиниката каде таа била хоспитализирана и се заканил дека ќе го убие нејзиниот брат

ДЕСК

ДРАСТИЧНА ПРОМЕНА НА ВРЕМЕТО, ТЕМПЕРАТУРИТЕ ЌЕ СЕ СПУШТАТ ПОД НУЛАТА – Метеоцентар со детална прогноза за времето

ДЕСК

ВМРО ДПМНЕ: Четири години работиме чесно и транспарентно – очекуваме убедлива победа

ДЕСК