,,Во овие избори се случи, мислам дека, преседан кој никогаш не се случил досега. Во моментот кога јавноста сосема ги имаше вперено своите очи во два кандидати, да бидеме реални, цела Македонија гледаше кон трката за Скопје – кога бевме јас и Орце Ѓорѓиевски најрелевантни во јавниот дискурс, мене ми беше обелоденет ЕМБГ, што е длабоко класифициран податок за нашите граѓани и тоа е нешто што не се случило досега. Тоа е страшна злоупотреба и е кривично дело. И тоа не само што е кривично дело, туку е во отежнети околности”, одговори на новинарско прашање кандидатот за градоначалник од Левица за Град Скопје, Амар Мециновиќ на денешната прес – конференција.
Тој ги нагласи отежнатите околности во кои се објавува неговиот ЕМБГ и тоа: тој е пратеник, кандидат во втор круг и други работи.
,,Мене, навистина, ова ништо не ми значи, но мислам дека треба на сите нас да ни значи. Утре истото може да ви го направи некој друг и вам”, додаде Мециновиќ.
На новинарско прашање дали Мециновиќ смета дека институции работеле во корист на неговиот противкандидат, тој даде дополнително образложение:
,,Која институција се обиде да превенира таква ситуација? Која институција изреагира откако се случи таква ситуација? Ова е прашање на човекови права. Ова е прашање на правата кои ги имаме ние пред државата. Ова е прашање на тоа дека имаме неморална, неетичка, социопатска политика која живееме триесет години. Ние живееме во социопатска политичка култура, која се наметнува. И го нагласувам за сите нас, а не за мене индивидуално. Освен инцидентот со ЕМБГ, имаме уште низа измислици, шпекулации, напади по интегритет, напади по семејство, по луѓе кои не беа инволвирани во оваа кампања. Сето тоа ќе биде пропратено со тужби и со кривични пријави, така што тоа е нешто што ќе го правиме од понеделник. Сега засега е нешто што го искомунициравме и со ОПСЕ и со меѓународни инстанции, така што тоа се случи, но е само наш дополнителен поттик”.
Мециновиќ го спомена и стравот од табу, поради кој, обично, се игнорирани овие работи.
,,Во моментот кога ќе се освестиме дека за оние кои нè владеат, дека не постои табу, дека не постои морална граница, тогаш и ние ќе се ослободиме. И допрва ако го направиме тоа, ние можеме да очекуваме демократизација на атмосферата и на процесите. Никогаш веќе да не ни се повторуваат избори и процеси на одлучување кои ќе бидат длабоко, под влијание на оние кои имаат моќта. Моќта е во институциите и сите институции беа впрегнати во победа на Орце Георгиевски”, додаде Амар Мециновиќ.
Тој дообразложи и на каков начин институциите работеа во интерес на неговиот противкандидат.
,,Орце Георгиевски ги имаше сите пари на негова страна, сите привилегии за рекламирање. На крај, нè уценуваа како граѓани, ако не победи Орце, па ќе живеете во смет. Сè доби човеков. Неговиот тим вади лични документи. Тоа е нивната политика на служби, на бизниси, на репресија. Нашата политика е политика на комуникација со јавноста. Ние знаете како функционираме. Ние функционираме вака, во разговори со вас и на социјалните медиуми. Тоа е нашата комуникација. Нивната комуникација е структурирано насилство. Ова што се случи овие избори е структурно насилство, преку институциите и преку, механизмите за владеење”, рече Амар.
,,Јас, навистина, сум презадоволен од оваа кампања, затоа што ние добивме толку многу поддршка и толку многу несмеани лица видовме во овие недели. Ние сме охрабрени, напротив, не сме обесхрабрени. Ние имаме уште поголема желба сето ова да го артикулираме во една политичка борба и политичка победа крајно. Ова е маратон. Јас и кога ќе победам, моите другари во Собранието ќе продолжат уште посилно да ги застапуваат интересите на граѓаните и во мандатот кој им беше доверен”, додаде тој.
,,Тоа што го нема пресметано власта е оваа моја кандидатура која се најде во вториот круг. Тоа што се најдов во вториот круг, не е мој продукт. Ова е продукт на општествени процеси кои тлеат во ова опшество. И сега, конечно, пука балонот дека ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ се предодредени… После овој круг, јас ве уверувам, и да не победиме, иако сме сигурни дека во недела ќе славиме победа, веќе никогаш нема да можат да лажат дека гласањето за трети опции и независни кандидати не може да дојде до некоја физичка манифестација. Не! Еве ја волјата на оние кои се обидоа да гласаат поинаку, еве ја во вториот круг. Нивното делегирање на нивниот легитимитет нè донесе во втор круг. Џабе им е, ништо веќе нема да биде исто”, појасни кандидатот за градоначалник од Левица за Град Скопје, Амар Мециновиќ.
фото/скриншот Амар Мециновиќ
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...



