Во текот на ноќта напади со беспилотни летала беа регистрирани врз енергетската инфраструктура во неколку руски региони, вклучувајќи ги регионот Орјол, Владимирската и Јарославската област, објавија руските власти и медиумите. Украинските беспилотни летала ја погодија и оштетија термоцентрала во Орјол, а експлозии се случија и во близина на клучна трафостаница и рафинерија за нафта во други области, објави „Киев индепендент“.
Жителите на градот Орјол пријавија гласни експлозии во текот на ноќта, а рускиот опозициски канал „Астра“ објави снимки од надзорни камери, кои го снимија моментот на нападот врз локалната термоцентрала.
Регионалниот гувернер Андреј Кличков го потврди нападот, но рече дека термоцентралата „Орјол“ била погодена од остатоци од пресретнатите беспилотни летала, што предизвикало оштетување на опремата за напојување. Тој додаде дека немало пожари или жртви, дека поправките се во тек и дека снабдувањето со електрична енергија е речиси целосно обновено.
Централата, со капацитет од најмалку 330 мегавати (MW), е во сопственост на RIR Energo, која работи како дел од државната енергетска корпорација Росатом.
Повеќе експлозии се регистрирани и во руските градови Владимир и Јарослав, каде што локалните жители исто така слушнале воздушна одбрана, според руските канали на „Телеграм“.
Според анализата на „Астра“, нападите во Владимир биле насочени кон електричната трафостаница „Владимир“, еден од клучните енергетски центри во регионот. Гувернерот на Владимирската област, Александар Авдејев, го потврдил нападот врз инфраструктурен објект во близина на градот, без да прецизира за што точно станува збор.
„Непријателот изврши напад врз инфраструктура во близина на градот Владимир. Сите системи моментно работат нормално. Специјалистите работат на терен“, рече тој. Во Јарослав експлозии се слушнале во близина на рафинеријата за нафта „Ново-Јарославски“.
Овие напади се случија само еден ден откога руските сили извршија масовен ракетен и беспилотен напад врз украинската енергетска инфраструктура ноќта на 30 октомври. Според ДТЕК, најголемата приватна енергетска компанија во Украина, Русија потоа погодила повеќе термоцентрали во целата земја./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...



