Американските власти почнаа истрага откога лабораториски мајмуни заразени со вируси на хепатитис Ц и ковид-19 избегаа од местото на сообраќајна несреќа, објави британскиот весник „Гардијан“.
Според првичните информации, инцидентот се случил за време на транспортот на животните до истражувачкиот центар кога возилото што ги превезувало било вклучено во сообраќајна несреќа. Во таа пригода неколку примати успеале да избегаат во околината, што предизвикало сериозна загриженост за потенцијалното ширење на инфекцијата.
Американските власти потврдија дека се регистрирани случаи на агресивно однесување на мајмуните по бегството и ја предупредија јавноста да не се обидува да им се приближи. Властите изјавија дека контактот со заразени животни може да претставува ризик за здравјето бидејќи тие се носители на два многу заразни вируса.
Во исто време, американските медиуми потсетуваат дека слични случаи веќе предизвикале јавна загриженост во минатото бидејќи лабораториските примати често биле користени во експерименти со опасни патогени.
Според најновите информации, сите мајмуни, освен еден, се пронајдени и ликвидирани за да се спречи ширењето на инфекцијата. Потрагата по последниот примат сè уште е во тек, а здравствените служби ги следат потенцијалните симптоми кај луѓето што биле во контакт со местото на несреќата.
Портпаролот на Центрите за контрола и превенција на болестите (CDC) изјави дека резултатите од анализата ќе бидат објавени подоцна за да се покаже дали имало пренос на вирусот на луѓето.
Иако властите ја уверија јавноста дека ризикот е под контрола, експертите предупредуваат дека дури и краткотрајниот контакт на заразените примати со надворешната средина може да претставува сериозна закана, со оглед на способноста на вирусот да се прилагоди на новите домаќини.
Американските медиуми најавуваат дека резултатите од првата официјална анализа ќе бидат објавени во наредните денови./Извор:Makfax


