Денеска (28.10.2025) СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Р. (38) и А.С. (55) до Основното јавно обвинителство Скопје поради сомненија за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“ по член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, С.Р. како в.д. директор, а А.С. како управител за отпад во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање на безопасен отпад на подрачјето на град Скопје, како и на обврските предвидени во Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот. Со пропуштање на целосниот надзор на собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести.
Ваквите сомненија се утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина кои излегоа на терен по насоки на јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од ЈЗУ Институт за јавно здравје на РСМ.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


