Илон Маск и неговата компанија xAI ја лансираа „Грокипедија“, најавувајќи ја на почетокот на октомври како конкурент на онлајн енциклопедијата „Википедија“, која е креирана и уредувана од волонтери и која некои американски републиканци ја обвинија за политичка пристрасност и, заедно со Маск, тврдат дека е „премногу левичарска“.
Името „Грокипедија“ доаѓа од четботот Groka на xAI, за кој Маск тврди дека „бара максимална вистина“.
Верзијата 0.1 од вчера вечерта веќе имаше повеќе од 885.000 дефиниции во споредба со повеќе од седум милиони на англиската верзија на „Википедија“.
Пред една недела, претприемачот одлучи да го одложи лансирањето на „Грокипедија“ за неколку дена, иако беше објавено на крајот на септември, оправдувајќи го одложувањето со потребата од „дополнителна работа за чистење на пропагандата“.
Како и републиканските функционери, Илон Маск е постојан критичар на „Википедија“ веќе неколку години. Во 2024 година, тој напиша дека страницата е „контролирана од крајно левичарски активисти“ и ги повика луѓето да престанат да донираат на платформата.
„Целта на Грок и (Грокипедија) е вистината, вистината и ништо друго освен вистината“, нагласи најбогатиот човек во светот, додавајќи дека софтверот на енциклопедијата е со отворен код. „Секој може да го користи за што било, бесплатно“, објасни тој.
Содржината на некои статии на „Грокипедија“ одразува пристрасност, како и страницата посветена на Илон Маск.
Во воведните пасуси од резимето, платформата пишува дека шефот на „Тесла“ и „СпејсИкс“ „влијаел на дебатата“ на неколку теми, заработувајќи „критики од мејнстрим медиумите кои се наклонети кон лево ориентираното известување“.
Кога станува збор за движењето за граѓански права „Животот на црнците е важен“, „Грокипедија“ пишува дека тој „мобилизирал милиони луѓе“.
„Сепак, овие протести резултираа со немири, (…) најскапите во историјата на осигурувањето од штета на имот“, продолжува „Грокипедија“, без да спомене, како што прави „Википедија“, дека „огромното мнозинство протести организирани во 2020 година се одржаа во мирна атмосфера“.
Содржината на „Грокипедија“ е генерирана од вештачка интелигенција (ВИ) и генеративниот асистент за ВИ Грок, но секоја страница цитира повеќе извори.
Грок предизвика контроверзии пред неколку месеци откако даде антисемитски изјави, кои компанијата на Маск ги припиша на погрешна програма./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


