Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во гостување на Сител вестите, зборуваше за реализираните политики во урбанизмот и остро одговори на, како што рече, „црната кампања полна со невистини“ што ја води неговиот противкандидат.
„Со носење на секој Детален урбанистички план го зголемуваме бројот на зеленилото во општината. Вклучуваме пошироки улици, дополнителни пешачки и велосипедски патеки, намалување на катноста, отстранување на парцели за градба и нивно претворање во зелени појаси“, изјави Герасимовски, нагласувајќи дека урбанизмот во Центар се води од принципи на заштита на јавниот интерес и одржлив развој.
Тој потенцираше дека во неговиот мандат не е продаден ниту еден квадратен метар државно земјиште на лицитација, а преку ЗЕЛС, Општина Центар поднела и иницијатива до Министерството за транспорт и врски за измена на правилото „70-30“, кое досега овозможуваше приватен инвеститор со само 30% сопственост да дооформи парцела за градба.
„Сега ние бараме да се поседува минмум 70% од парцелата а да може да се дооформат уште 30%. На тој начин директно го штитиме државното земјиште“, изјави Герасимовски.
Како други примери на резултати во урбаното уредување, Герасимовски ги наведе: отстранување на дупли паркирања и импровизирани детски елементи што ја загрозувале безбедноста, уредување на парцели со обврзувачки стандарди за пристапни рампи, паркинг за велосипеди и садење високи дрвја, транспарентност во постапките за издавање одобренија за градба.
Во вториот дел од изјавата, градоначалникот остро одговори на тврдењата на неговиот противкандидат и, како што рече, неговиот ментор, кои, според него, шират дезинформации во јавноста.
„Вчера на ова столче седеше и неговиот ментор и изнесе многу лаги – почнувајќи од бројот на издадени дозволи, до тоа колку одобренија се во тек. Спомна 80 барања што наводно ‘седеле на маса’ – вистината е дека во моментов има само осум барања во завршна фаза, и тие се јавно достапни преку системот на ЗЕЛС“, објасни Герасимовски.
„Целата кампања се служи со лаги и невистини. Тоа е класична црна кампања, која граѓаните на Центар ја препознаваат. Тие се доволно мудри и во првиот круг веќе кажаа на кого му ја даваат довербата“, заклучи Герасимовски.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


