Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека Европската Унија очекува поактивна улога од Кина во решавањето на конфликтот меѓу Русија и Украина. Тој го изјави ова по средбата со премиерот на Државниот совет на Кина, Ли Џијанг, според западните медиуми.
„Јасно ставив до знаење дека ЕУ очекува Кина да помогне во завршувањето на оваа војна“, рече Кошта, нагласувајќи дека Пекинг, како еден од клучните глобални актери, може значително да влијае на стабилизацијата на ситуацијата во Украина.
Според него, разговорот со кинескиот премиер го опфатил развојот на билатералните односи, како и потребата од враќање на рамнотежата во трговските и економските односи меѓу ЕУ и Кина. Кошта додаде дека биле разгледани и можностите за заедничко дејствување во решавањето на глобалните предизвици.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна изјави дека Кина „не е заинтересирана“ да му помогне на Киев и дека Пекинг „не сака Москва да изгуби“. Тој оцени дека Кина, и покрај својата официјална неутралност, ја поддржува Русија.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, реагираше на овие обвинувања, велејќи дека Пекинг е „цврсто посветен на дијалогот и мирот“. Тој посочи дека Кина го темели својот став за украинскиот конфликт на „објективен и фер пристап“ и дека ќе продолжи да вложува напори за прекин на огнот и преговори./Извор:Makfax
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


