Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Честитка од претседателката Гордaна Сиљановска-Давкова по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Честитка од претседателката Гордaна Сиљановска-Давкова по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Драги сограѓани,

Ви го честитам 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, кога гордо се потсетуваме на грандиозната историска улога на македонската револуционерна организација, врз чиј дух и дело почива македонската државност.

Многупати сум потсетила дека животот во слобода, мир и демократија во своја национална држава не ни е подарен, туку е извојуван и изборен од нашите предци, македонските револуционери. Не случајно Републиката, во Член 36 на Уставот им гарантира посебни права на оние кои се бореле за самобитноста на македонскиот народ и неговата државност во национално-ослободителните војни за Македонија.

Затоа, денешниот голем празник е можност да се потсетиме на хероите кои ги дадоа своите животи за слободна, независна, но и за социјална, солидарна и демократска македонска држава. Нивните идеали беа сржта на најнапредните идеи од крајот на 19. век, од нив извираат и врз нив се темелат европските вредности, вградени во конститутивните документи на ЕУ, на коишто постојано повикувам.

Чествувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба е потсетување на нашата обврска да го негуваме и продолжиме светото револуционерно дело преку грижата и заштитата на вечните хумани принципи.

Кон нив, но и кон нашите наследници имаме обврска чесно, одговорно и посветено, да го продолжиме нивниот револуционерен пат, не со оружје, туку со револуционерен ум, револуционерно знаење и со револуционерни реформи.

Ние немаме друга татковина, освен нивната, онаа на македонските револуционери. Должни сме да ја сочуваме и политички да ја вградиме таму каде што географски, историски и културно отсекогаш припаѓа – во Европа.

Да продолжиме да си ја сакаме, развиваме и чуваме, но и да си ги почитуваме и негуваме темелите врз кои е изградена – правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста.

Нека ни е вековит празникот.

Гордана Сиљановска – Давкова

Можеби ќе ве интересира

(ВИДЕА, ФОТО) СПОРЕДБА: ПРЕД ДВА МЕСЕЦИ И ДЕНЕС – Дали Преспанското има шанси да се врати?

ДЕСК

ПОДГОТВЕТЕ СЕ ЗА ДРАСТИЧЕН ПАД НА ТЕМПЕРАТУРИТЕ И ДО -10 СТЕПЕНИ: Метеоцентар со детална прогноза за следните 4 дена

ДЕСК

Хорор во Македонија: Силувано и уценувано малолетно девојче, а потоа едниот и барал 20.000 евра за да не се објават ексциплитни фотографии

ДЕСК