Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија г. Африм Гаши се сретна со новоназначениот амбасадор на Кралството Шведска г. Ола Солстром, на кого му го честита назначувањето на амбасадорската функција и му посака успех на новата должност, изразувајќи надеж дека и во иднина ќе продолжи многу успешната и динамична соработка со Шведската Амбасада. Тој ја искористи можноста и да изрази благодарност до Кралството Шведска за континуираната поддршка за демократскиот и економскиот развој на нашата држава преку бројни развојни проекти, не само на политичко, дипломатско и институционално ниво, туку и финансиски преку програмата за реформи за поддршка на евроинтегративниот пат на Северна Македонија со околу 10 милиони евра годишно, што ја прави Шведска најголем индивидуален донор меѓу земјите членки на Унијата.
Амбасадорот Солстром, осврнувајќи се на одличните билатерални односи меѓу двете држави, истакна дека во текот на неговиот мандат ќе се фокусира на политичките односи, односно продолжување на поддршката за интеграција на Северна Македонија во ЕУ, соработката во НАТО, како и унапредување на економската соработка. Се осврна и на контактите меѓу луѓето, и во таа смисла билатералната парламентарна соработка ја оцени како многу динамична и плодна.
Двајцата соговорници се согласија дека бројната дијаспора од Република Северна Македонија која живее во Шведска придонесува во голема мера за приближување на двете земји и за продлабочување на взаемните односи.
Претседателот Гаши потсети дека во сите досегашни состави на Собранието се формира Пратеничката група за соработка со Шведскиот парламент, со што во континуитет се покажува подготвеноста и желбата за интензивирање на меѓупарламентарната соработка и го поздрави и формирањето на ваква Група за соработка и во Шведскиот Парламент, како продолжување на блиската билатерална соработка.