Музејот „Лувр“ повторно ги отвори вратите утрово откога дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености ја шокира јавноста. Полицијата сè уште интензивно бара четворица крадци, кои украдоа осум непроценливи предмети од познатата сала „Аполо“ среде бел ден во грабеж што траеше само четири минути, објави „Ен-би-си њуз“.
Париската обвинителка Лоре Беко вчера потврди за време на телевизиско интервју дека проценетата вредност на украдените скапоцености се проценува на 88 милиони евра.
Директорката на музејот, Лоренс де Кар, ќе одговара на прашања во текот на денот пред комитетот за култура на францускиот Сенат. Инцидентот предизвика национална дебата за нивото на безбедност во клучните културни институции.
Грабежот нанесе тежок удар врз француската национална гордост, која веќе беше погодена од политички превирања и социјални немири. Францускиот министер за внатрешни работи во понеделникот изјави дека овој настан создал негативна и тажна слика за земјата во светот.
Париските обвинители ја доверија истрагата на специјализирана единица позната како БРБ, која често се занимава со кражби од висок профил. Поранешен офицер, кој служел во единицата, откри дека токму БРБ ја водел истрагата за грабежот на Ким Кардашјан во 2016 година кога банда провалила во нејзиниот стан во Париз, ја врзала и избегала со накит вреден околу 5,54 милиони евра.
Паскал Шкудлара, поранешен член на единицата, објасни дека БРБ има 100-ина агенти, од кои повеќе од десетина се специјализирани за кражби во музеи. Истражителите ги прегледуваат видеоснимките, телефонските записи и форензичките докази и разговараат со информатори.
Шкудлара рече дека БРБ може да има тимови што работат на тоа 24/7 долго време, додавајќи дека е 100 проценти сигурен оти крадците ќе бидат фатени.
Уметничкиот детектив Артур Бренд, кој им помага на полициите од цела Европа, додаде дека истражителите исто така ќе ги прегледуваат снимките од надзорните камери пред неколку недели за да бараат сомнителни луѓе, кои можеби ја разгледувале галеријата.
Експертите веруваат дека само мал круг криминалци се способени да изврши таков дрзок грабеж и дека тие, веројатно, веќе ѝ се познати на полицијата. Експертот за кражба на уметнички дела, Ентони Аморе, за „Скај њуз“ изјави дека сторителите веројатно биле европска криминална банда.
Освен еден од украдените предмети – круната што ѝ припаѓала на царицата Евгенија, сопругата на Наполеон III, и која била пронајдена на местото на настанот – француската министерка за култура Рашида Дати потврди дека полицијата пронашла и мотоцикли и регистарска табличка./Извор:Makfax