Изјава за медиуми на кандидатот за градоначалник на Гази Баба, Влатко Митовски
Почитувани граѓани,
Актуелниот градоначалник цел мандат ги остави Црешево и Смилковци во пустош и заборав. Без ниту еден капитален проект, без инвестиции, без елементарни услови за живот. Времето на неработа, запоставеност и игнорирање на овие населени места завршува. Таа слика ќе се промени во мандатот што следи, затоа што мојата визија е јасна – рамномерен развој на сите населени места во Општина Гази Баба.
Во Црешево ќе изградиме нов резервоар за вода со капацитет од дополнителни 300 кубни метри, ќе се доврши фекалната канализација, а краците од улица 3 ќе бидат конечно асфалтирани и санирани. Ќе ја замениме целата водоводна линија од препумпната станица во Железара до резервоарот во Црешево во должина од 6 километри, ќе изградиме нова бушотина за зголемен доток на вода, ќе го осветлиме регионалниот пат Црешево–Стајковци и ќе изградиме пешачка патека по целата должина. Дополнително, ќе изградиме и прочистителна станица за фекални води.
Во Смилковци исто така ќе изградиме нов резервоар за вода со капацитет од 300 кубни метри, ќе ја довршиме фекалната канализација и ќе ја замениме целата водоводна линија во должина од 3,5 километри. Ќе се изгради нова бушотина, ќе се прошири патот и ќе се направи пешачка патека од Смилковци до Црешево, а краците од улица Павле Божинов конечно ќе бидат асфалтирани.
Во недела, гласот за број 5 е глас за реализација на овие проекти, за секој дом, за секој од вас, за модерна и развиена Општина Гази Баба.