Украинските сили уништија залихи од руска муниција и од беспилотни летала во два одделни напади врз окупираните територии во текот на август и септември, објави Генералштабот на вооружените сили на Украина на 22 септември. Нападите имаа за цел да ги попречат офанзивните планови на руските сили кои се обидуваат да напредуваат во источна Украина, објави „Киев Индепендент“.
На 29 август, украинската оперативна група „Днипро“ изврши напад врз центар за дистрибуција на дронови, уништувајќи „огромни залихи“ од беспилотни летала.
Според соопштението, Русија имала намера да дистрибуира повеќе од 19.000 дронови – вклучувајќи ги моделите Молнија, Бумеранг, Вандал Новгородски и Горинич – заедно со придружна опрема од локацијата до своите сили во окупираниот дел од Донецката област.
Во посебна операција, украинската војска и Безбедносната служба на Украина (СБУ) нападнаа складиште за муниција во претежно окупираниот регион Луганск. Нападот се случи откако руски камиони доставија илјадници мини, гранати, противтенковски ракети и друга муниција на силите стационирани во близина на окупираниот град Богдановка.
Муницијата наводно била наменета за снабдување на 17-от тенковски полк на руската 70-та моторизирана стрелачка дивизија.
„Руските возила беа уништени заедно со муницијата“, соопшти Генералштабот, без да прецизира кое оружје е употребено во нападите. Украинските сили редовно напаѓаа руски воени цели и стратешки објекти со оружје со долг дострел за време на војната за да ги попречат офанзивните операции на Москва./Извор:Makfax