10. септември 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Трамп ја повикува ЕУ да изврши притисок врз Путин со 100 проценти царини врз Кина и Индија

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја повика Европската Унија да воведе царини до 100 % врз стоките од Кина и Индија. Предлогот има цел да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине војната во Украина, изјави за Би-би-си извор запознаен со дискусиите, објави Би-би-си.

Барањето, кое првично го објави „Фајненшл тајмс“, беше упатено за време на состанокот на американски и европски претставници во вторникот, на кој беа разгледани начините за зголемување на економскиот притисок врз Русија.

Предлогот доаѓа во време кога Трамп се обидува да посредува во мировен договор меѓу Москва и Киев, а руските напади врз Украина ескалираат. Трамп исто така им рече на новинарите во вторникот дека планира да разговара со Путин на телефон оваа недела или на почетокот на следната недела.

По бомбардирањето за време на викендот, Трамп им рече на новинарите дека не е задоволен од целата ситуација и му се закани на Кремљ со построги санкции.

Долгоочекуваниот самит на лидери на Алјаска минатиот месец заврши без мировен договор. Барањето на Трамп до Европската Унија следува по изјавите на американскиот министер за финансии Скот Бесент, кој рече дека Вашингтон е подготвен да го зголеми економскиот притисок, но за тоа му е потребна посилна европска поддршка.

Трамп исто така во вторникот изјави дека САД и Индија „продолжуваат да преговараат за решавање на трговските бариери“ меѓу двете земји. На неговата платформа „Тру соушал“ тој објави дека планира да разговара со индискиот премиер Нарендра Моди во наредните недели и дека очекува успешен заклучок на трговските преговори.

Како одговор на објавата Моди го повтори оптимизмот на Трамп за успехот на разговорите истакнувајќи дека двете земји се блиски пријатели и природни партнери. „Нашите тимови работат на завршување на овие дискусии што е можно побргу. Исто така, со нетрпение очекувам да разговарам со претседателот Трамп“, додаде Моди.

Кина и Индија се клучни купувачи на руска нафта помагајќи во одржувањето на руската економија. Минатиот месец САД воведоа царина од 50 проценти на стоки од Индија, што вклучуваше казна од 25 проценти за нивните трансакции со Русија, анализираат медиумите.

Иако ЕУ објави дека ќе ја прекине својата зависност од руските енергетски извори, приближно 19 проценти од увезениот природен гас сè уште доаѓа од Русија. Доколку ЕУ воведе царини за Кина и за Индија, тоа би претставувало промена во нејзиниот пристап кон изолацијата на Русија, која досега се базира на санкции, а не на трговски давачки, според написите./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Поевтинуваат секојдневните плаќања за граѓаните и за компаниите

C +

На 8 септември, Маврово ќе биде повторно во знакот на Халк Вело Грин

C +

Курсна листа за 28.08.2025

ДЕСК