3. септември 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Филипче: Владата ги изневери лозарите, нудиме закон за реална поддршка од 3 денари по килограм грозје

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со пратеничката група на партијата денеска поднесе предлог-закон за измена на Законот за вино, со цел да се обезбеди вистинска и правична финансиска поддршка за лозарите.

„По серијата средби со лозарите во Скопје, Кавадарци и Неготино, се наметна потребата за итна измена на законот. Предлагаме дополнителна субвенција од три денари по килограм предадено грозје за сите лозари што ќе го предадат грозјето кај регистрираните винари до 1 август 2025 година“, изјави Филипче.

СДСМ остро реагира на потегот на Владата и МЗШВ, кои оваа година не ја објавија производната цена на грозјето, иако се законски обврзани да го сторат тоа. Со тоа, винариите беа ослободени од обврската да ја почитуваат методологијата која предвидува надомест од најмалку 25% над производната цена.

„Наместо реална и законска цена, лозарите добија зголемување на основната цена од само половина денар. Тоа не е ниту соодветно, ниту правично. Во 2023 година лозарите добиваа и до два денари дополнителна субвенција, што значи дека оваа година реално имаат загуба од еден и пол денар по килограм“, додаде Филипче.

Дополнително, СДСМ предлага укинување на одредбата која овозможува винариите да ја намалат цената за 8% ако лозарите сакаат брза исплата, што е пракса која се користи за уцена и манипулација со трудот на производителите.

„Ќе ставиме крај на манипулациите со трудот на луѓето. Не смее државата да дозволи 11.000 семејства кои живеат од лозарство да бидат повторно понижени. Владата има пари, има и механизми – само треба волја“, изјави Филипче.

Законот предвидува и вклучување на лозари кои досега не биле корисници на финансиска поддршка преку годишните програми или Интервентниот фонд.

„Оваа мерка е реална, праведна и итна. Очекуваме Владата да ја прифати и Собранието да ја усвои со поддршка од сите политички партии. Лозарите не смеат да бидат оставени сами“, порача претседателот на СДСМ.

Можеби ќе ве интересира

Утре и задутре пороен дожд и грмежи

C +

ДИК: Поднесени 69 предлози за независни кандидати за градоначалници

C +

Забраната за движење во шумите се продолжува до 30 септември

C +