„Од лозарството живеат над 11.000 семејства во државата, а Владата оваа година грубо ги изневери нивните очекувања“, порача денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција на која го образложи предлог-законот поднесен од СДСМ за финансиска поддршка на лозарите.
Филипче посочи дека и покрај најавите за зголемена откупна цена, реалноста покажува спротивно – споредбено со 2023 година, лозарите добиваат дури 1,5 денари помалку по килограм грозје.
„Лозарите годинава не добија никаква дополнителна субвенција, ниту Владата го испочитува законот што сама го донесе. Според тој закон, уште во јули требаше да се пресмета производната цена на грозјето, а потоа винариите да понудат +25% над таа цена. Ништо од тоа не се случи“, рече Филипче.
Тој потсети дека досега лозарите добивале од 1 до 5 денари по килограм грозје дополнителна субвенција, а оваа година не е издвоена ниту една пара, иако трошоците за производство драматично пораснале.
„Работната рака поскапела од 1.400 на 1.900 денари по ден, цените на средствата за прскање и водата исто така пораснаа. А лозарите – останаа со половина денар повеќе по килограм, што практично не значи ништо“, изјави Филипче.
Дополнително, тој ја критикуваше и одредбата која овозможува намалување на откупната цена за 8% ако лозарите бараат побрза исплата, нарекувајќи ја „срамна уцена на трудот“.
„Тоа е манипулација со потта и маката на илјадници луѓе. Затоа СДСМ предлага укинување на таа одредба и дополнителни 3 денари субвенција по килограм грозје за сите што ќе предадат грозје до август 2025 година“, истакна Филипче.
СДСМ повика Владата да има слух и да го прифати законот кој, како што рече Филипче, не е популизам туку реално и праведно решение за спас на лозарството – гранка што во моментов е изложена на економски и институционален колапс.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...