Прес конференција на Венко Филипче, Претседател на СДСМ:
Пред крајот на август и почетокот на есента, кој е еден од економски најтешките периоди за македонските семејства, сакам да се осврнам на клучните економски индикатори за работењето на оваа власт. Во изминатите неколку месеци, се изнаслушавме бројки и фалби од премиерот, кој очигледно мисли дека граѓаните во маркет пазарат со неговите ПР-трикови, а не со платата и приходите кои ги имаат. Една работа треба да ѝ биде јасна на владата – граѓаните се тие што знаат како живеат и каква е реалната состојба со економијата, цените и платите. Денес ќе споделам неколку анализи за кои сум сигурен дека се пореални за граѓаните, отколку оние на премиерот, во кои сме четврто, шесто или не знам кое место во Европа.
Почитувани,
ВМРО-ДПМНЕ за една година ја доведе државата во најголема економска несигурност што сме ја виделе досега. Инфлацијата е 4,8%, секојдневно растат трошоците и реалноста е дека се живее сè потешко.
Минималната синдикална кошница, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, секој месец урива нови рекорди.
Во јуни 2024 година, минималната синдикална кошничка изнесуваше 60.325 денари, а во август минатата година надмина 61.000 денари. Денес, после една година таа достигна 65.507 денари. Тоа значи дека во периодот откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, основните трошоци за живот се зголемени за околу 5.000 денари. Во исто време, минималната плата е зголемена за само 2.000 денари. Ова е директен удар врз стандардот на граѓаните.
Во јуни 2024 година минималната синдикална кошница беше 60.325 денари, во јули 60.570,00 денари, во август лани над 61.199 денари, за овој месец да достигне 65.507 денари. Тоа значи дека откако ВМРО ДПМНЕ е на власт синдикалната кошничка е зголемена за 4.300 денари, додека минималната плата порасна само за 1.800 денари.
Премиерот Мицкоски се фали со бројки за „раст на платите од 11, 12 или 13%“. Но, да ги погледнеме реалните бројки. Реалната плата, онаа што ја покажува куповната моќ на граѓаните, во јуни порасна само 3,8%, а пред една година со мерките на СДСМ растот беше 11%. За прв пат после долги години имаме пад на просечната плата во споредба со претходниот месец – тоа беше случај во јуни.
Тоа значи дека реалните бројки, не оние измислените од премиерот, покажуваат дека платите стагнираат, цените растат, а граѓаните губат.
Во вакви услови, Мицкоски зборува дека платите „не смееле да растат затоа што имало инфлација“. Тоа е економска неукост. Продуктивноста расте само ако платите растат – тоа е елементарна економска логика. Или, ако сака премиерот со конкретни бројки: нашата продуктивност е 55% од европскиот просек, а платите само 35%. Значи проблемот не е во работниците – проблемот е во владата што ги држи платите ниски за да им одговара на бизнис-елитите.
Понатаму, сите економски експерти на власта постојано повторуваат дека кај нас се живеело добро ако биле ниски платите, а куповната моќ била висока. Но фактите повторно зборуваат друго. Македонската просечна плата е само 35% од просечната плата во ЕУ, а цените достигнуваат 60% од европскиот просек на цени. Поразително е тоа што го покажуваат последните податоци на евростат. Кого лажете и замајувате?
СДСМ и во најголемите кризи, и за време на ковидот и за време на енергетската криза, не бараше изговори за зголемување на платите. Ние преземеваме конкретни мерки. Преку анткризните пакети во вредност од над 2 милијарди евра, го сочувавме животниот стандард и работните места, а платите постојано растеа.
Минималната плата од 8.000 денари ја зголемивме на 22.500 денари, а просечната плата од 22.000 денари, на 40.000 денари.
Погрешно е со ВМРО ДПМНе ги прекина овие политики на постојано зголемување на платите.
Она што станува сè појасно е дека оваа власт свесно ја разгорува инфлацијата, бидејќи им го полни буџетот и им ги зголемува профитите на блиските фирми. Граѓаните плаќаат, олигарсите заработуваат. Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност. Што друго може да го објасни фактот дека власта ништо не презема за инфлацијата и растот на цените? Сите земји во околината, вклучително и Србија, имаат редовни и навремени мерки за цените и инфлацијата. Кај нас тоа веќе не е тема – власта нема намера да регулира буквално ништо за да ги заштити граѓаните.
Почитувани граѓани,
После 15 месеци власт на ВМРО-ДПМНЕ може да оцениме дека економската политика на оваа влада е најлошата во историјата. Десетици милиони евра се буквално украдени од граѓаните преку непреземање мерки за цените, преку непокачување на платите, преку растот на нееднаквоста и сиромаштијата, што е свесна и намерна политика на оваа власт. Ако нешто може со сигурност да го кажам, тоа е дека СДСМ имаше и сè уште има далеку подобри економски политики насочени кон луѓето – со грижа за стандардот и со јасна цел: економија што им служи на граѓаните.
Разликата е јасна: ВМРО-ДПМНЕ создава несигурност и сиромаштија. СДСМ знае како да ја врати стабилноста и достоинството на граѓаните.
Нема да отстапиме од нашите решенија за покачување на платите во сите сектори, зголемување на минималната плата на 500 евра, намалување на цените преку укинување на ДДВ за основните прехранбени производи. Повторно ќе ги поднесе преку Собранието.
Битката за поголем приход е битка за достоинствен живот. И таа битка ќе ја водиме со вас и за вас.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...