Пандемијата на Ковид-19 била штетна за здравјето на мозокот, дури и кај луѓе што никогаш не биле заразени, открива нова студија. Научниците предупредуваат дека притисоците на кои биле изложени луѓето, од продолжена изолација до неизвесноста што ја придружувала кризата, можеби ги остареле нивните мозоци.
Тие откриле дека стареењето на мозокот за време на пандемијата било поизразено кај мажите, постарите лица и кај оние од посиромашните социјални класи.
Моделите на стареење на мозокот биле обучени на повеќе од 15.000 здрави испитаници. Потоа биле применети на речиси илјада луѓе, кои учествувале во долгорочна студија во Велика Британија, наречена „Биобенк“, која го следела здравјето на возрасните на средна и постара возраст.
На половина од групата им биле скенирани мозоците пред пандемијата, а на другите пред и по глобалната здравствена криза. Откога ги проучиле скенирањата, научниците заклучиле дека пандемијата значително го забрзала стареењето на мозокот. Тие дошле до овој заклучок врз основа на возраста на нивните мозоци во скенирањата во споредба со нивната вистинска возраст.
Научниците откриле дека скенирањата на мозокот на испитаниците откога ја доживеале кризата, имале просечно 5,5 месеци поголемо отстапување во возраста на мозокот.
„Откривме дека пандемијата на Ковид е штетна за здравјето на мозокот и предизвикува забрзано стареење на мозокот, независно од инфекцијата со SARS-CoV-2“, напишаа експертите од Универзитетот во Нотингем во списанието Nature Communications.
Професор по радиологија: Пандемијата изврши притисок врз луѓето
„Она што најмногу ме изненади беше тоа што дури и луѓето што немаа Ковид имале значително повисоки стапки на стареење на мозокот. Тоа навистина покажува колку искуството со самата пандемија, од изолација до неизвесност, можело да влијае на нашето здравје на мозокот“, рече д-р Али-Реза Мухамади-Неџад, кој ја водеше студијата.
Научниците исто така истражуваа дали Ковид-19 имал влијание врз когнитивните способности проучувајќи ги резултатите од тестовите направени за време на скенирањето на мозокот. Тие открија дека оние што биле заразени се чини дека имаат полоши резултати на когнитивните тестови по пандемијата.
Професорката по радиологија, Дороти Ауе, виш автор на студијата, рече: „Оваа студија нè потсетува дека здравјето на мозокот е обликувано не само од болести туку и од нашата секојдневна околина. Пандемијата изврши притисок врз луѓето, особено оние што веќе имаа некои проблеми. Сè уште не можеме да тестираме дали промените што ги видовме ќе исчезнат, но тоа е секако можно и тоа е охрабрувачко“./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...