Финскиот претседател Александер Стаб верува дека во тековните преговори за завршување на војната, Русија намерно поставува барања што се неприфатливи за другата страна. Во интервју за „Фокс њуз“, Стаб изјави дека Кремљ спроведува „типични руски преговарачки тактики“.
„На почетокот кажувате едно, а потоа почнувате да се повлекувате. Тоа се случува цело време“, предупреди тој. Во гостување на американскиот телевизиски канал, Стаб нагласи дека е многу важно американската публика да разбере што значат руските територијални претензии.
„Ако го земете она што Путин го бара од Украина и го споредите со Соединетите Американски Држави, тоа е безмалку како Соединетите Американски Држави да се откажат од Флорида, Џорџија, Јужна Каролина, Северна Каролина, Вирџинија, дури и Мериленд, и да создадат еден вид суперавтопат што можете да го користите за напад врз Њујорк. Значи, тоа е сосема неприфатливо. Тој го знае тоа, но продолжува да го бара“, рече тој.
Тој потсети дека Русија се обидува да го окупира целиот Донбас од 2014 година и сè уште не успеала. „Путин има 75% од Донбас, но му требаа 12 години, а 50% од тоа дојде веднаш на почетокот. Значи, тој навистина напредува малку по малку“, рече тој.
Претходно, медиумите објавија дека за време на разговорите во Белата куќа на 18 август, украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери го споредија предавањето на дел од Донецката област на Русија со тоа како САД да се откажат од дел од Флорида./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...