Безбедносните гаранции за Киев се клучно прашање во напорите да се прекинат борбите во текот на тековната руска инвазија врз Украина, а специјалниот пратеник на Белата куќа, Стив Виткоф, сега го стави терминот „сличен на Член 5“ во центарот на вниманието.
Виткоф на 17 август за „Си-ен-ен“ изјави дека за време на самитот на Алјаска било договорено дека Вашингтон и неговите сојузници можат да ѝ понудат на Украина „револуционерни“ гаранции во форма на „заштита слична на Член 5“, иако не откри детали, пишува РСЕ.
Тој рече дека, по средбата на претседателот Доналд Трамп со Владимир Путин, Русија нема да има забелешки за ова како дел од можен мировен договор.
Таканаречениот договор за Член 5 изгледа дека го позајмува концептот на колективна одбрана за примена надвор од системот на НАТО-договорот. Тоа не би ја направило Украина членка на НАТО – нешто што Трамп посебно го исклучи.
Исто така, тоа не би барало автоматски интегрирани структури на алијансата; наместо тоа, би бил пакт скроен по мерка, кој би го креирале земјите подготвени да го потпишат.
Што би можело да значи „како Член 5“
Секој паралелен систем за Украина целосно би зависел од текстот за кој страните би се договориле.
Важно не е името, туку ситните букви: кој на што се обврзува и колку брзо и силно е подготвен да делува доколку Украина повторно биде нападната.
Фразата потекнува од Член 5 на основачкиот договор на НАТО – клучната клаузула која вооружениот напад врз една членка го третира како напад врз сите.
Спротивно на вообичаеното мислење, тоа не ги обврзува членките на НАТО да интервенираат целосно воена за поддршка на друга членка доколку таа е нападната.
Она што е напишано е дека секоја членка на НАТО „ќе ѝ помогне на нападнатата страна или страни така што веднаш, индивидуално и во соработка со другите страни, ќе преземе мерки што ги смета за неопходни, вклучувајќи и употреба на вооружена сила“.
Од основањето на НАТО во 1949 година, Член 5 е применет само еднаш – по нападите на 11 септември. Тој чекор покрена операции и мерки за поддршка од алијансата, иако постоеја разлики во обемот и тајмингот на придонесите.
Скептицизам и сеќавања на неисполнети ветувања
Токму овие специфики го поттикнуваат скепицизмот
Украинците се претпазливи кон нејасните ветувања по меморандумот од 1994 година, со кој беа понудени безбедносни „гаранции“ во замена за откажување од нуклеарното оружје што Украина го наследи по распадот на Советскиот Сојуз.
Тие гаранции не успеаја да ја одвратат руската агресија.
А скептични не се само Украинците. Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, забележа дека проблемот на Киев не е недостатокот на гаранции, туку нивното непочитување.
„Од 1994 година, Украина веќе имаше гаранции за независноста и неповредливоста на своите граници, вклучително и од Русија. На 22 април 2004 година, Владимир Путин свечено го ратификуваше Договорот за руско-украинската граница. Доволно е само да се почитуваат и војната е завршена“, напиша тој на мрежата X.
Поддршка од ЕУ
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во меѓувреме го поздрави предлогот и рече дека Европската унија е „подготвена да го направи својот дел“.
„Како што често сум говорела, Украина мора да стане железен дикобраз, несварлив за потенцијалните освојувачи“, рече таа.
Геополитички парадокс
Геополитички гледано, предлогот претставува парадокс. Ако гаранциите навистина го одразуваат одвраќачкиот ефект на НАТО, зошто Кремљ би ги прифатил? Еден можен одговор е дека Москва може да ги смета гаранциите надвор од НАТО за помалку автоматски или обврзувачки од членството во алијансата, или како попреговорливи по обем и географија.
Кога на „Си-ен-ен“ експлицитно го прашаа дали Русија би дозволила да се реализираат „гаранции како од Член 5 на НАТО“, Виткоф одговори: „Она што го кажав е дека постигнавме договор САД и другите европски земји ефективно да понудат формулација слична на Член 5 за безбедносни гаранции.“
Од друга страна, ако гаранциите се ублажат за да се добие руска согласност, тие ризикуваат да не одвратат никого – а најмалку Москва./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...